Поврзете се со нас

КОЛУМНА

Песна без душа може да звучи убаво, ама не може да те допре

Објавено

на

Знам дека вештачката интелигенција полека, ама сигурно, влегува во сè. Во работата, во фотографијата, во пишувањето, во филмот, па еве ја и во музиката. И да бидам искрена, првиот впечаток често е – „Ова убаво звучи!“ И навистина звучи. Мелодијата е средена, аранжманот е спакуван, вокалот е чист, сè си е на свое место. Нема утка, нема фалш, нема погрешен тон. Компјутерот си ја завршил работата.

Ама…

Реклама
Во Твоја Зона

Како што ја слушаш песната уште еднаш, па уште еднаш, нешто почнува да ти недостига. Не знаеш веднаш што, не е мелодијата, не е аранжманот, не е ни гласот. Недостасува душата. Барем јас така ја доживувам. Како песната да е технички совршена, ама емотивно празна. Како некој да направил прекрасна куќа, ама заборавил да стави живот во неа. Има нешто, нешто метално, нешто вештачко. Еве, така најдобро можам да го опишам чувството, метален вкус во увото. Особено кога ќе дојде оној момент кога треба да „легне“ зборот врз музиката, па некој акцент на буквата се развлекува или се притиска само за да се вклопи во ритамот. Технички можеби е точно, можеби и звучи убаво ама човекот го слуша тоа. Увото можеби не знае да објасни што не му се допаѓа, ама душата знае. Зашто песната никогаш не била само низа од тонови. Песната е и оној момент кога пејачот зема здив пред најтешкиот стих, она мало кршење на гласот, онаа буква што не е отпеана совршено, ама е отпеана искрено, онаа болка во гласот кога пееш за нешто што си го преживеал, онаа радост кога пееш за нешто што си го сакал. Тоа не можеш лесно да го измериш, не можеш да го ставиш во формула, не можеш само да кажеш – „Направи ми песна за несреќна љубов, во стил на стара македонска балада, со емоција.“ Можеш да добиеш песна, можеш да добиеш прекрасна песна, ама дали ќе добиеш сеќавање?

Е тука веќе не сум сигурна.

Реклама
Во Твоја Зона

Зашто некои песни не се паметат затоа што биле совршено отпеани. Се паметат затоа што во нив сме се препознале, првата љубов, последното збогување, мајка, татко. Некој што заминал, некој што не се вратил, некоја стара кафана, едно лето, една вечер, еден човек, една жена. Песната станува наша дури тогаш кога ќе успее да се залепи за некое наше чувство. И затоа ми се чини дека најголемата опасност од AI музиката не е тоа што ќе создава лоши песни, напротив, можеби ќе создава сè подобри песни, и токму тоа е проблемот. Ќе бидат совршено спакувани, ќе бидат модерни, ќе имаат хит аранжмани, одлична продукција, привлечен рефрен. Можеби ќе бидат направени за три минути и ќе звучат како да ги работел цел тим музичари со месеци.

Ама дали после десет години некој ќе рече – „Оваа песна ме враќа во една година од мојот живот“, дали?

Реклама
Во Твоја Зона

Тоа е вистинскиот тест, зашто технологијата може да направи песната да звучи убаво, но човекот е тој што ѝ дава причина да постои.

И не велам дека AI треба да се запре, знам дека тоа е невозможно, вратата е отворена и никој повеќе нема да ја затвори. Само сакам да кажам, нека создава кој умее, нека експериментира, нека се користи технологијата, нека се поместуваат границите. Само немојте да заборавите што е музиката. Музиката не е само звук, не е само точен тон, не е само добар аранжман, не е само совршен вокал. Музиката е чувство. А чувството, барем засега, сè уште најдобро го препознаваме кога доаѓа од човек. Затоа, можеби AI ќе ни даде уште многу убави песни, ќе ги слушаме, ќе ни се допаднат, ќе ги пуштаме неколку пати. Но оние песни што ќе ги носиме со себе цел живот, оние што ќе ни го стегнат грлото и после дваесет години, оние што ќе нè вратат кај некого кого одамна го нема? Е, за нив ќе треба нешто повеќе од совршен алгоритам, ќе треба душа.

Реклама
Во Твоја Зона

Затоа, кој умее нека создава песни со душа, зашто убавата песна може да го освои увото, само песната со душа може да го освои човекот.

Реклама
Во Твоја Зона
Продолжи со читање
Реклама Во Твоја Зона

КОЛУМНА

Љубомората, омразата и одмаздата – Три отрови што човек си ги внесува во сопствената душа

Објавено

на

Од

Во колумната од секојдневниот живот денес ќе зборуваме за љубомората, омразата и одмаздата. Знаете, постојат чувства кои на прв поглед ни изгледаат како сила, а всушност се тивка слабост. Љубомората е едно од нив, oмразата е друго, a желбата за одмазда често е нивното најопасно продолжение.

Кога човек е љубоморен, тој не гледа што има, туку што има другиот. Наместо да ја гради сопствената среќа, тој почнува да ја мери туѓата. Наместо да се радува на сопствениот напредок, го боли туѓиот успех. И така, без да забележи, дозволува туѓиот живот да стане господар на неговиот внатрешен мир.

Омразата, пак, е уште потежок товар. Таа не мора секогаш да се гледа во зборовите. Понекогаш се крие зад молчење, зад злобен поглед, зад потребата некој да не успее, зад задоволството кога на другиот му се случува нешто лошо. Човек може да мисли дека со омразата му нанесува штета на оној кого го мрази, но најчесто првиот што ја чувствува нејзината тежина е самиот тој, бидејќи омразата бара постојано внимание. Таа нè тера повторно и повторно да се навраќаме на неправдата, на навредата, на човекот што нè повредил, а можеби и никој не не повредил, тоа само љубомората си создава приказни. Ни го зема времето, ни го нарушува мирот, ни ја одзема способноста да уживаме во она што е добро во нашиот живот. Дури и кога другиот не е присутен, ние го носиме со себе во мислите, во гневот, во немирот.

Реклама
Во Твоја Зона

А што е одмаздата?

Одмаздата често се претставува како задоволување на правдата, но не секоја одмазда е правда. Понекогаш таа е само болка која бара нова болка. Човекот што се чувствува повреден сака другиот да почувствува нешто слично. Сака да го заболи, да го понижи, да му врати. И можеби во еден момент ќе почувствува кратко задоволство, но, каква е таа радост на душата ако е изградена врз туѓото страдање?

Реклама
Во Твоја Зона

Каков мир може да донесе тоа што некому си му нанесол зло? Дали навистина стануваме подобри, посилни или посреќни ако успееме да го повредиме оној што нè повредил? Или само дозволуваме неговата постапка да нè претвори во нешто што можеби никогаш не сме сакале да бидеме?

Најголемата победа не е секогаш во тоа да му вратиш на некого. Понекогаш најголемата победа е да не дозволиш туѓата злоба да го промени твојот карактер. Да не дозволиш нечија омраза да стане и твоја. Да не дозволиш нечија неправда да те натера да постапиш неправедно.

Реклама
Во Твоја Зона

Тоа не значи дека треба да трпиме сè, да молчиме пред секоја неправда или да дозволиме некој да нè повредува без граници. Можеме да се заштитиме. Можеме да се оддалечиме. Можеме да кажеме „доста е“. Можеме да побараме правда кога е потребно. Но, постои голема разлика меѓу тоа да се заштитиш или да живееш за да му се одмаздиш на некого. Првото е грижа за себе, а второто е заробеништво во туѓата постапка.

Затоа, пред да дозволиме љубомората да ни го помати погледот, омразата да ни го нагрди срцето, а одмаздата да ни го одземе достоинството, треба да се запрашаме – Што добивам јас од ова, дали станувам посреќен човек или само станувам уште еден носител на болка?

Реклама
Во Твоја Зона

Животот е премногу краток за да го трошиме во споредување, во злоба и во пресметки. Не ни е потребна омраза за да бидеме силни. Не ни е потребна одмазда за да бидеме вредни. Не ни е потребно туѓото паѓање за да се чувствуваме високо. Ни треба мир. Ни треба чиста совест. Ни треба способност да продолжиме напред без постојано да се навраќаме на оние што сакале да нè повредат.

Не ни е потребна омраза и одмазда. Ни треба сила да не станеме слични на оние што ни нанеле зло. Затоа што најубавата победа е онаа по која душата останува чиста.

Реклама
Во Твоја Зона
Продолжи со читање
Реклама
Реклама
Реклама Во Твоја Зона
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама

ПОПУЛАРНИ