КОЛУМНА
Чистата совест не се плаши од туѓите приказни
Естрада.мк не се само музика, настани, концерти и приказни за луѓето од естрадата. Естрада.мк се и погледи, ставови и размислувања за животот што го живееме секој ден. За обичниот човек, за неговите радости и разочарувања, за добрината и неправдата, за љубовта, простувањето, грешките и изборите што понекогаш нè прават подобри, а понекогаш нè оддалечуваат од самите себе.
Токму затоа во оваа рубрика ќе се обидеме да погледнеме малку подлабоко во секојдневието. Не за да судиме некому, туку за да размислиме. Можеби некоја напишана мисла ќе допре до некого, ќе го натера да застане за момент и да се запраша дали нешто во својот живот треба да промени, поправи или едноставно да остави зад себе. Затоа што понекогаш на човек не му треба совет. Му треба само една реченица која ќе го натера да погледне во себе. А можеби токму таму ќе го најде одговорот што долго го барал. Во оваа колумна ќе се осврнеме токму на она што често го забораваме во трката со секојдневието, на чистата совест, на силата да не враќаме со зло за зло и на храброста, и покрај сè што ни се случува, да останеме луѓе.
Дали знаете кој е највозвишениот облик на љубовта?
Можеби не е оној кога го сакаме човекот кој ни возвраќа со љубов. Не е ниту кога сме добри само со оние кои се добри со нас. Најлесно е да сакаш кога си сакан, да простуваш кога не си повреден и да бидеш добар со оние кои никогаш не ти направиле зло.
Но што се случува кога ќе успееш да го сакаш целото човештво, па дури и оние кои ти посакале зло или можеби не можеш да ги сакаш како останатите, но барем не им посакуваш за возврат зло.
Е тогаш, во случај кога ги сакаш сите подеднакво, можеби, си стгнал до едно од највисоките нивоа на свеста, бидејќи љубовта не е само чувство, љубовта е и одлука да не станеш ист како оној што те повредил.
Има луѓе кои ќе се обидат да те оцрнат со измислени приказни. Ќе додадат збор, ќе одземат вистина, ќе измислат нешто што никогаш не се случило, а потоа внимателно ќе ја изберат личноста на која ќе ѝ ја кажат приказната, некој за кого знаат дека нема да ја задржи.
И приказната тргнува. Од уста на уста, од човек на човек, од измислица до „вистина“.
Колку е чудно што понекогаш луѓето повеќе веруваат во она што убаво е раскажано, отколку во она што навистина се случило.
Но има една работа што никој не може да ја измисли, ниту да ја украде. Совеста.
Совеста не се брани со објаснувања, таа или е чиста, или не е и затоа е голема среќа кога во туѓите црнила твојата совест блеска како полна месечина.
Не мораш секогаш да се правдаш, не мораш на секоја лага да одговараш со десет вистини, не мораш да се симнуваш на нивото на оној кој решил да те повреди.
Понекогаш најсилниот одговор е тишината.
Не затоа што немаш што да кажеш, туку затоа што знаеш дека времето има подобра меморија од луѓето.
Правдата е чудна работа, таа личи на бумеранг. Може да биде неверојатно трпелива, ќе чека долго, ќе ти даде можност сам да ја исправиш грешката, сам да признаеш, сам да се вратиш назад и да НЕ продолжиш по погрешниот пат.
Но ако човек упорно бега од сопствените постапки, еден ден правдата сама ќе ги преземе работите во свои раце, и колку подолго чекала, толку посилен може да биде ударот, затоа што животот не заборава толку лесно колку што мислиме.
Можеби некогаш НЕправдата изгледа како победник, можеби лагата стигнува далеку побрзо од вистината, можеби оние кои повредуваат изгледаат безгрижно, додека оној кој е повреден се прашува – „Зошто?“
Но не секоја победа е победа и не секој пораз е пораз.
Понекогаш човекот што молчи е многу посилен од оној што зборува најгласно. Понекогаш оној што простува е многу поголем од оној што се одмаздува. А понекогаш најголемата победа е да продолжиш да бидеш добар, иако некој направил сè за да те убеди дека добрината не вреди, затоа што, ако дозволиш туѓата омраза да те претвори во човек полн со омраза, тогаш тој човек победил. Ако дозволиш туѓата лага да те натера и ти да лажеш, повторно си изгубил дел од себе. Ако дозволиш туѓата злоба да ти ја одземе човечноста, тогаш цената на туѓата постапка ја плаќаш ти.
Затоа треба да се научиме на една тешка, но возвишена форма на љубов, да не им посакуваме зло ниту на оние кои ни направиле зло.
Не затоа што го заслужуваат нашето простување, туку затоа што ние заслужуваме мир.
Не мора да ги заборавиме луѓето кои нè повредиле, но можеме да престанеме да им дозволуваме да живеат во нас.
И можеби токму тука започнува највисокото ниво на свеста.
Кога немаш потреба да се одмаздуваш, кога немаш потреба да враќаш со иста мера, кога можеш да погледнеш во неправдата, да ја препознаеш, да ја почувствуваш болката и сепак да останеш човек.
Тогаш веќе не живееш според туѓите постапки, живееш според својата совест. а ако е чиста, нека зборуваат, нека измислуваат, нека шират, нека додаваат уште по некоја приказна.
Ти, ти само продолжи, бидејќи има нешто многу посилно од секоја гласина, а тоа е времето, и нешто многу посилно од секоја лага, а тоа е вистината и она нешто, што е најсилно од сè, чиста совест.
Онаа совест што, дури и кога околу тебе е најголемото црнило, ти блеска како полна месечина.
И тогаш сфаќаш, не мора секоја неправда да ја исправиш ти, некои сметки животот сам ги затвора.
Тебе само ти останува да внимаваш, додека го чекаш бумерангот на правдата, да не го изгубиш највредното нешто што го имаш, човекот во себе.
КОЛУМНА
ЗОШТО ПОНЕКОГАШ МОРА ДА ГИ ОСТАВИШ ЛУЃЕТО ДА НАУЧАТ НА ПОТЕШКИОТ НАЧИН
Постои еден момент во животот кога сфаќаш дека не секој човек сака да ја чуе вистината, дури и кога таа му е кажана од најдобра намера. Не секој совет се доживува како помош, не секое предупредување како грижа и не секоја добронамерна забелешка како можност да се избегне грешка. Понекогаш, токму оние на кои најмногу се обидуваш да им помогнеш, се луѓето кои најупорно ќе одбиваат да те слушнат.
Им укажуваш на можните проблеми, им објаснуваш дека некои работи треба да се разгледаат подлабоко, дека не е доволно нешто да изгледа добро на прв поглед за да биде навистина добро. Ги предупредуваш дека денешната непромисленост утре може да донесе последици што тешко ќе се поправат. Не зборуваш затоа што сакаш да бидеш во право, ниту затоа што сакаш да им го наметнеш своето мислење. Зборуваш затоа што гледаш нешто што можеби тие во моментот не го гледаат.
Но, наместо да застанат и да размислат, тие се бранат. Наместо да ги разгледаат аргументите, го бранат сопственото его. Наместо да се запрашаат дали можеби постои нешто што не го знаат, се однесуваат како самото прифаќање туѓ совет да е признание за сопствена неспособност.
И тука започнува вистинскиот проблем. Кога егото е поголемо од желбата да се научи нешто ново, човекот престанува да ја бара вистината и почнува да се бори само за тоа, да биде во право.
Некои луѓе едноставно не можат да поднесат некој друг да забележи нешто што ним им промакнало. Туѓото мислење го доживуваат како закана за сопствениот авторитет, а добронамерното предупредување како обид некој да ги контролира. Од таа потреба да докажат дека знаат најдобро, стануваат дрски, тврдоглави и непристапни за секој разумен разговор. Но, зрелоста не се мери според тоа колку гласно го браниме својот став. Таа се мери според способноста да застанеме, да сослушаме, да размислиме и да признаеме дека можеби не сме во право. Никој не е доволно мудар за да ги знае сите одговори. Никој не е толку искусен за да не може да направи грешка. А најголемата опасност не е во тоа што понекогаш ќе погрешиме, туку во убедувањето дека не можеме да погрешиме.
И што правиш кога, и покрај сите твои обиди, човекот упорно одбива да размисли? Кога секој твој збор наидува на отпор, секој аргумент на инает, а секоја грижа се толкува како мешање во неговиот живот? Во еден момент мораш да научиш да застанеш. Не затоа што престануваш да се грижиш, не затоа што ти станало сеедно, туку затоа што сфаќаш дека постои граница до која можеш да му помогнеш на некого, а потоа започнува неговата лична одговорност. Можеш да му покажеш на човекот каде се наоѓа опасноста, но не можеш да го натераш да ја забележи. Можеш да му го објасниш патот по кој ќе избегне проблеми, но не можеш да одиш наместо него. Можеш да го предупредиш дека одредена одлука носи ризик, но не можеш да ја донесеш одлуката во негово име.
Понекогаш најтешкиот облик на грижа е да престанеш да убедуваш, бидејќи, колку повеќе се обидуваш да спасиш некого од последиците на сопствените постапки, толку повеќе ризикуваш да се исцрпиш себеси. Почнуваш да се нервираш, да се преиспитуваш, да бараш нови зборови, нови аргументи, нов начин да допреш до разумот што упорно те одбива. А на крајот остануваш со чувството дека твојата грижа не вреди ништо.
Но, тоа не е вистина. Твојата грижа има вредност, дури и кога не е прифатена. Твојата добронамерност не станува бесмислена само затоа што некој одбил да ја препознае. И тоа што си се обидел да спречиш нечие разочарување или проблем не значи дека си должен да ја носиш одговорноста за неговите избори. Луѓето понекогаш учат од разговори, понекогаш од туѓите искуства, а понекогаш дури тогаш кога животот ќе им покаже дека не биле во право. Некои лекции не допираат до човекот додека не ги почувствува на сопствена кожа. Не затоа што нема кој да му објасни, туку затоа што сè уште не е подготвен да слушне. И тогаш доаѓа моментот кога треба да ги оставиш да одат по својот пат. Не со желба да им се случи нешто лошо, не со задоволство дека ете, ти си бил во право, туку со свест дека секој возрасен човек има право на сопствен избор, но и обврска да ги прифати последиците од него. Тоа не е казна, тоа е животна одговорност.
Сепак, постои една важна разлика, да оставиш некого да учи од своите грешки не значи да бидеш рамнодушен или да одбиеш помош кога навистина му е потребна. Значи да престанеш да се бориш со неговата волја, да ги зачуваш сопствените граници и да му дозволиш да ја преземе одговорноста што му припаѓа. Не мораш секого да го убедиш, не мораш секому да му докажеш дека си во право, не мораш постојано да ја оправдуваш својата добра намера пред некој што однапред одлучил дека нема што да научи од тебе.
Понекогаш е доволно мирно да кажеш што имаш да кажеш, да ја оставиш вратата отворена за разговор и потоа да се повлечеш. Зашто, кога ќе помине времето и кога последиците ќе станат очигледни, можеби токму тогаш човекот ќе се сети на твоите зборови. Можеби ќе сфати дека не си сакал да го победиш во расправија, туку да го поштедиш од непотребна болка. А можеби никогаш нема да го признае тоа, мораш да бидеш подготвен и на таа можност.
Не е твоја задача да ги спасиш сите од нивните грешки. Твоја задача е да не дозволиш туѓата тврдоглавост да ти го одземе сопствениот мир.
Научи да советуваш без да наметнуваш, да предупредуваш без да понижуваш и да се повлекуваш без да мразиш. Научи дека не секое несогласување бара нова расправа и дека не секоја затворена врата треба да ја отвораш со сила.
Понекогаш најголемата мудрост е да го кажеш она што сметаш дека треба да се каже, а потоа да ја прифатиш границата на сопственото влијание.
Зашто, на крајот, секој од нас го живее животот според сопствените одлуки. Некои ќе нè одведат кон мир, други кон разочарување, а трети ќе нè научат на начин на кој никогаш не би научиле од туѓите зборови.
А ти? Ти продолжи да бидеш човек кој размислува, кој се грижи и кој знае да предупреди. Но, не заборавај дека и твојот мир е важен. Не мораш да се исцрпуваш обидувајќи се да му помогнеш на некого кој упорно одбива да си помогне самиот на себе.
Понекогаш, најдобриот совет е оној што си го кажал еднаш, а најголемата мудрост е да знаеш кога да замолчиш.
-
Шоу Бизпред 8 месециМала ѕвезда со голем глас – Ива Пауновиќ чекори сигурно кон музичкиот врв!
-
Народнапред 6 месециДарко Билбиловски претстави нова песна исполнета со емоција – „Само да си моја“
-
Шоу Бизпред 7 месециЗошто македонската музика „тапка во место“ и како легендите како Александар Сариевски го чуваат идентитетот
-
Шоу Бизпред 4 месециЅвездени носталгии тема – Горчлива чаша 14.07.2026
-
Шоу Бизпред 7 месеци„Позитив бенд“ – музика, еуфорија, енергија – гаранција за добра забава
-
Шоу Бизпред 6 месециКога ќе се спојат Илчо Париси и Спасе Антевски атмосферата станува спектакл!
-
Некатегоризиранопред 7 месециМладата Викторија Ефтимова го претстави новиот сингл „Идеали“
-
Шоу Бизпред 4 месециЅвездени носталгии тема – Гламур 07.07.2026
