Народна
Песните на Кирил Манчевски — фолклор по кој Македонија ќе се препознава и по многу години
Во време кога сè побрзо се забораваат вредностите што нè обликувале како народ, македонската народна песна останува еден од најсилните чувари на корените, традицијата и идентитетот. Токму затоа, Естрада.мк продолжува да потсетува на музичките легенди кои со својот глас, душа и љубов кон песната оставија неизбришлива трага во македонската музичка историја. Овој пат се потсетуваме на Кирил Манчевски, еден од великаните на градската и лирската народна песна.
Иако по професија бил металски работник, неговата вистинска животна определба била музиката. Народната песна била негов најверен сопатник, а сцената местото каде што неговата душа најсилно зборувала. Оние кои имале можност лично да го познаваат велат дека бил едноставен, искрен, духовит и пред сè голем професионалец.
Неговиот музички талент бил откриен во 1950-тите години, по што започнува неговиот пат како сценски презентатор на македонската народна песна, не само во Македонија, туку и надвор од нејзините граници. Настапувајќи со македонски фолклорни ансамбли, Кирил Манчевски успеал да ја доближи убавината на македонската песна и до светската публика, која со восхит ги прифаќала звуците на македонскиот мелос.
Најчесто настапувал како солист, а поретко и во дуети. Неговиот репертоар бил составен од најубавите бисери на македонската староградска музика лирски, печалбарски и патриотски песни исполнети со длабоки емоции и поетска тежина. Неговиот специфичен интерпретаторски стил се одликувал со богати мелизми, прецизни мелодиски орнаменти и долги, издржани каденци што оставаат впечаток и денес. Во секој отпеан тон се чувствувала искреноста, болката, љубовта и душата на македонскиот човек.
Кога ќе се слушне неговиот глас во песните „Буките развиваат браќа“, „Абер дојде Донке“, „Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо“, „Бог да бие кој прв почна“, „Дејгиди луди млади години“ и многу други, станува јасно дека народната песна не е само музика, таа е сведоштво за едно време, за еден народ и за неговото постоење.
Токму затоа, ваквите уметници не смеат да бидат заборавени. Нивните песни се жив фолклор, музичко наследство по кое ќе се препознаваме и по многу години. Во нив се вплетени македонската душа, традицијата, љубовта, тагата и историјата. А додека се слушаат нивните гласови, ќе живее и споменот за корените од кои потекнуваме.
Кирил Манчевски останува запаметен како човек кој не само што пееше народни песни, туку и ги живееше. Преку неговата интерпретација, македонската песна доби за вечно сведоштво уште подлабока емоција и уште посилно значење како вечен чувар на идентитетот и културното наследство на Македонија.
Народна
Со нови песни и силни емоции заврши 39. издание на „Фолк Фест Валандово“
Со многу емоции, нови песни и преполна фестивалска атмосфера, Валандово и оваа година беше центарот на македонската народна музика. На 39. издание на „Фолк Фест Валандово 2026“, кое се одржа на 27 мај, публиката уживаше во вечер исполнета со новокомпонирани песни, познати музички имиња и моменти што долго ќе се паметат.
На сцената беа претставени 20 нови композиции, кои донесоа спој на традиционален мелос и современ музички израз. Дел од учесниците кои настапија пред валандовската публика беа Нино Величковски, Василија Петрова, Драган Даце Николовски, Благица Калева, Благоја Грујовски, Христијан Божинов-Кико, Ивана Серафимовска, Ангела Влинтовска и многу други изведувачи кои со своите песни внесоа посебна енергија на фестивалската сцена.

Особено внимание привлече песната „Градче мое убаво“ во изведба на Христијан Божинов-Кико, која на крајот ја освои првата награда и беше прогласена за најдобра песна на фестивалот. Второто место ѝ припадна на Благица Калева со „Солзи немам“, додека третата награда ја добија Анета Љумаковска, Јане Динев и „Анета Бенд“ за песната „После сè“.

Покрај главните награди, беа доделени и признанија за најдобар текст, музика, аранжман и интерпретација. Наградата за текст ја освои Томислав Коцевски – Пепси за „Жено неверна“, а признанието за најдобра интерпретација повторно замина во рацете на Благица Калева.

Фестивалските случувања започнаа уште ден претходно, кога на градскиот плоштад во Валандово се одржа предфестивалска вечер посветена на старите валандовски евергрини. Настанот беше збогатен и со концерт на Влатко Миладиновски, кој создаде одлична атмосфера меѓу присутните.

Еден од најемотивните моменти на фестивалот беше доделувањето на наградата за животно дело на легендарната Блага Петреска. Публиката со голем аплауз ја поздрави пејачката, а нејзината изведба на „Ти ме предаде“ донесе силни емоции и потсети на безвременските вредности на македонската народна песна.

Во ревијалниот дел настапи и Ленче Кукиќ со мини концерт, дополнително збогатувајќи ја музичката вечер која уште еднаш покажа дека „Фолк Фест Валандово“ останува еден од најзначајните музички фестивали во земјава.


На фестивалот присуствуваше и претставничката на Радио Зона М1, Биљана Коцева-Алексова, која ги сподели своите позитивни впечатоци од организацијата, атмосферата и енергијата што владееше меѓу публиката и учесниците.
По уште едно успешно издание, остануваат новите песни кои веќе го пронаоѓаат патот до публиката, а Валандово уште еднаш потврди дека е дом на македонската фолк музика.
-
Шоу Бизпред 3 месециМала ѕвезда со голем глас – Ива Пауновиќ чекори сигурно кон музичкиот врв!
-
Народнапред 1 месецДарко Билбиловски претстави нова песна исполнета со емоција – „Само да си моја“
-
Шоу Бизпред 2 месециЗошто македонската музика „тапка во место“ и како легендите како Александар Сариевски го чуваат идентитетот
-
Шоу Бизпред 2 месеци„Позитив бенд“ – музика, еуфорија, енергија – гаранција за добра забава
-
Шоу Бизпред 3 неделиКога ќе се спојат Илчо Париси и Спасе Антевски атмосферата станува спектакл!
-
Некатегоризиранопред 2 месециМладата Викторија Ефтимова го претстави новиот сингл „Идеали“
-
Шоу Бизпред 3 месециСека Алексиќ и Раста на иста сцена во Арена „Јане Сандански“
-
Народнапред 4 недели„Фолк Фест Валандово 2026“ на 26 и 27 мај: Две вечери исполнети со македонска песна, емоции и нови хитови
