Шоу Биз
Зошто македонската музика „тапка во место“ и како легендите како Александар Сариевски го чуваат идентитетот
Естрада.мк продолжува со своите записи, потсетувајќи дека и музиката и песната се чувари на корените и со нив се негува идентитетот на македонскиот народ.
Во последно време сѐ почесто се отвора прашањето – зошто музиката од соседните земји од поранешна Југославија чекори напред, освојува региони и пазари, а македонската како да стои во место? Зошто ние сѐ уште се навраќаме на „Ја излези Ѓурѓо“, „Каде сте Македончиња“, „Бисер балкански“ и ред други песни, кои иако безвременски, не можат никогаш да допрат до поширока публика надвор од Македонија?
Одговорот не е едноставен, но дел од него лежи длабоко во историјата.
Македонецот низ вековите бил изложен на негирање, асимилации и притисоци. Неговиот идентитет бил оспоруван, јазикот потиснуван, а песната, често забранувана. Дури и денеска сеуште се соочува со истите негирања, промена на име, не признавање на јазик и култура. Во такви услови, музиката не е само забава, туку средство за опстанок. Песната станува доказ за постоење.
Токму затоа, и денес македонската музика носи силен белег на патриотизам, носталгија и докажување. Наместо да биде само производ за пазарот, македонската песна е и чувар на идентитетот. Потребата да се каже „ние постоиме“ и „ние сме Македонци“ сѐ уште живее во стиховите и мелодиите.
Во таа приказна, посебно место имаат уметниците кои ги поставиле темелите на македонската музика. Еден од нив е Александар Сариевски име, кое засекогаш ќе остане запишано како еден од зачетниците на македонската народна песна.
Со својот препознатлив глас и автентичен стил, Сариевски зад себе остави богато музичко наследство. Неговите песни опфаќаат различни теми, од патриотски и љубовни, до хумористични и денес се неизоставен дел од македонската музичка ризница.
Естрада.мк ќе наброи само неколку, но ги има премногу, некои од нив се „Огин го гори Брезово“, „Кандисал Ајрадин паша“, „Распукала Шар Планина“, „Абре воденичаре“, „Зајко кокорајко“, „Решил чичо да се жени“ и многу, многу други.
Но, една песна посебно се издигнува, тоа е „Зајди, зајди јасно сонце“. Безвременска композиција која не е само песна, туку вистински музички предизвик. Неформално, во музичките кругови на поранешна Југославија важело правилото, ако можеш да ја испееш „Зајди, зајди“, тогаш навистина можеш да се наречеш пејач.
Токму ваквите песни објаснуваат зошто македонската музика е различна. Таа не се мери само со трендови, туку со тежината на историјата што ја носи. Можеби токму затоа понекогаш изгледа дека „тапка во место“, но во суштина, таа стои цврсто на своите корени.
А тие корени се длабоки.
Нам ни останува обврската да ги чуваме делата на уметници како Сариевски, да ги пееме нивните песни и да ги пренесуваме на новите генерации. Зашто, зачувувајќи ги нив, на некој начин го чуваме и сопствениот идентитет.
Шоу Биз
Македонска песна во холивудски филм – „На Струга дуќан да имам“ стаса до Холивуд
Македонската традиционална музика добива уште едно интересно место на светската филмска сцена. Една од песните што со децении е дел од македонското музичко наследство – „На Струга дуќан да имам“ – се слуша во американскиот филм „The Rivals of Amziah King“, во кој главните улоги ги толкуваат познатите актери Метју Меконахи и Курт Расел.
Станува збор за американски неовестерн трилер во режија на Ендру Патерсон, а токму изборот на македонската песна му дава специфичен музички печат на дел од филмот. Иако приказната и музичкиот концепт се силно поврзани со американската блуграс и рутс традиција, во филмот се појавува звук кој доаѓа од сосема поинаков музички простор.
Верзијата на „На Струга дуќан да имам“ која е употребена во филмот е аранжирана од Етел Рејм, а ја изведува Женскиот вокален ансамбл „Китка“ од Оукленд, Калифорнија, заедно со Шира Камен и Питер Маунд. Ансамблот е посветен на источноевропските женски вокални традиции, што дополнително го објаснува начинот на кој македонската песна е вклопена во музичкиот амбиент на филмот.
Особено впечатлив е начинот на кој традиционалната мелодија функционира во филмскиот контекст. Нејзините вокални хармонии и карактеристичниот 7/8 ритам носат препознатлива динамика, но и чувство на движење и напнатост, создавајќи атмосфера која се разликува од доминантниот американски музички израз во филмот.
„На Струга дуќан да имам“ е песна која во македонската традиција одамна ги надминала границите на едно место или една генерација. Во нејзината основа е љубовната приказна, разиграна и ведра, но со силна емотивна порака. Стихот „срцево ми го изгоре“ ја носи страста и копнежот на момчето кое ја очекува својата сакана да помине покрај него.
Најпознатата верзија е поврзана со Струга, но песната низ времето добила и други локални варијанти, во кои се споменуваат различни македонски градови и маала.
Фактот што токму ваква песна нашла свое место во американска филмска продукција е уште еден пример како традиционалниот македонски музички израз може да најде пат до публика далеку надвор од Балканот.
Филмот „The Rivals of Amziah King“ од 14 август се прикажува во американските кина, а македонската песна во неговиот саундтрак веќе привлече внимание и на социјалните мрежи, каде што е споделена и сцената во која се слуша нејзината изведба.
-
Шоу Бизпред 6 месециМала ѕвезда со голем глас – Ива Пауновиќ чекори сигурно кон музичкиот врв!
-
Народнапред 5 месециДарко Билбиловски претстави нова песна исполнета со емоција – „Само да си моја“
-
Шоу Бизпред 2 месециЅвездени носталгии тема – Горчлива чаша 14.07.2026
-
Шоу Бизпред 5 месеци„Позитив бенд“ – музика, еуфорија, енергија – гаранција за добра забава
-
Шоу Бизпред 4 месециКога ќе се спојат Илчо Париси и Спасе Антевски атмосферата станува спектакл!
-
Некатегоризиранопред 6 месециМладата Викторија Ефтимова го претстави новиот сингл „Идеали“
-
Шоу Бизпред 2 месециЅвездени носталгии тема – Гламур 07.07.2026
-
Шоу Бизпред 7 месециСека Алексиќ и Раста на иста сцена во Арена „Јане Сандански“
