Шоу Биз
Сузана Манчиќ доаѓа на „Охрид Фест“ – Во Охрид ќе прослави 50 години кариера
Една од најпрепознатливите дами на балканската естрада, Сузана Манчиќ, годинава ќе биде специјална гостинка на 33. издание на Интернационалниот музички фестивал „Охрид Фест – Охридски трубадури“. Таа ќе настапи на Интернационалната фестивалска вечер, носејќи ја на охридската сцена својата препознатлива харизма, шарм и позитивна енергија.
Нејзиното гостување во Охрид ќе има и посебна симболика. Токму на сцената на „Охрид Фест“, Сузана Манчиќ ќе одбележи импресивни 50 години од својата богата и успешна кариера – пет децении исполнети со музика, телевизија, актерство и незаборавни моменти поради кои со години важи за една од најпознатите и најомилените јавни личности на просторите на поранешна Југославија.

Во разговор по повод нејзиното доаѓање во Македонија, Манчиќ откри дека иако многупати гостувала во земјава, ова ќе биде нејзин прв настап на „Охрид Фест“.
„Безброј пати сум била во Македонија, но за првпат доаѓам на ‘Охрид Фест’ и навистина сум многу среќна поради тоа. Ќе ја изведам дуетската песна со Ѓоле Боем, дело на композиторот Григор Копров. Песната веќе ја снимивме, а мојот колега постојано ме прашува дали ја вежбам. Не знае со кого си има работа – кога еднаш ќе научам нешто, тоа останува научено“, вели Сузана низ смеа.

Охрид за неа не е непозната дестинација. Напротив, како што раскажува, со градот ја врзуваат бројни спомени – од училишни екскурзии, преку настапи и концерти, па сè до летување со нејзините ќерки додека биле мали.
„Во Охрид сум била безброј пати. Моите ќерки и денес се сеќаваат на зборовите ‘благодарам’ и ‘како се викаш?’, кои тогаш ги научија и со насмевка ги изговараат“, открива таа.

Кога зборува за својата долга кариера, Манчиќ признава дека спомените се толку многубројни што решила да ги преточи во две автобиографски книги.
„Имам навистина многу спомени и тие траат цел живот. Во книгите ги собрав најинтересните приказни од мојот живот и кариерата. За жал, сè уште не се преведени на македонски јазик“, вели таа.
Публиката на „Охрид Фест“ од неа може да очекува, пред сè, добра песна и добро расположение.
„Добрата песна е добра песна. Единственото изненадување може да биде само тоа што ќе го облечам. Очекувам средби со нови и стари колеги, мало возење по езерото и еден блескав охридски бисер“, додава Сузана.
Осврнувајќи се на денешната музичка сцена, таа има јасна порака за младите изведувачи: „Упорност. И само упорност. Популарноста е расиплива стока – денес сте ѕвезда, утре ве нема никаде. Затоа се потребни памет, внимателен избор на песни и соработници, професионалност и постојана работа на себе.“
Но ова лето за Сузана Манчиќ е посебно и поради уште една причина. Само пред неколку дена таа за првпат стана баба, а емоциите околу доаѓањето на внучето не ги крие.
„Имав огромна трема, поголема отколку кога јас се породив. Утрото ми јавија дека сè поминало добро и дека и бебето и мајката се во добра состојба. Тоа беше чувство на неизмерна среќа и гордост. Мојата Теодора стана мајка“, раскажува таа емотивно.
Особено ја трогнало тоа што нејзината помлада ќерка Наталија присуствувала на породувањето и цело време ја бодрела својата сестра.
„Сè уште не сум целосно свесна за промените што допрва следуваат. Кај мене тие доаѓаат како некоја втора, одложена реакција“, искрено признава Сузана.
На прашањето што би сакала еден ден нејзиниот внук да знае за неа, таа одговара со препознатливата ведрина:
„Ќе знае дека неговата баба била убава, весела и успешна жена, која оставила свој белег.“
И за крај, Сузана Манчиќ испрати топла порака до македонската публика и до сите љубители на „Охрид Фест“.
„Се надевам дека македонската публика не ме заборавила, а ако ме заборавила, ќе имаме можност повторно да се запознаеме. Голем поздрав до сите! Со нетрпение чекам да се видиме и заедно да запееме!“
Со ваква искреност, шарм и животна енергија, настапот на Сузана Манчиќ несомнено ќе биде еден од најемотивните и највпечатливите моменти на годинашното издание на „Охрид Фест – Охридски трубадури“.
Шоу Биз
Берово ја отвора вратата кон Малешевијата – три дена етно, традиција, музика и малешевски вкусови
Естрада.мк продолжува да ги следи и претставува културните случувања низ Македонија, особено оние настани кои ја чуваат традицијата, фолклорот, музиката и автентичниот дух на македонските краеви. Овојпат патот нè води кон истокот на земјата, во Берово, каде од 27 до 29 август ќе се одржи „Етно Фестивал Берово 2026“, заедно со Саемот на традиционални малешевски производи „Малешевијата на дланка“.
Три фестивалски денови ќе го претворат Берово во вистински центар на традицијата, фолклорот, музиката, домашните специјалитети, ракотворбите и малешевското гостопримство. Организаторите најавуваат програма во која традиционалното ќе се сретне со современата музика, а посетителите ќе имаат можност не само да слушнат добра музика, туку и да ги запознаат автентичните производи и вкусови на Малешевијата.
Фестивалот започнува во четврток, 27 август, со свечено отворање во 18:30 часот. Вечерта е посветена на фолклорот и традицијата, со настапи на КУД „Димитар Беровски“ – Берово, културно-уметнички друштва од регионот и од збратимените општини.
За музичкиот дел од првата фестивалска вечер се најавени Синтезис, Браво бенд и DJ Drash, што ветува интересна спојка на традиционалното и современото.
Вториот ден, 28 август, со почеток во 20 часот, следува концертната вечер на која ќе настапат Давид Темелков, Гоца Тржан, Тропико бенд и Феникс бенд.
Фестивалот завршува во сабота, 29 август, со почеток во 19:30 часот, со голема завршна фестивалска вечер. Публиката ќе може да ужива во малешевски зурли и тапани, Уска Кан, Игор Димовски & Пауза за ракија, Пеца Јовановиќ и Ангел и Иван.
Покрај музичката и фолклорната програма, особено место во фестивалот има саемот „Малешевијата на дланка“, преку кој ќе бидат претставени традиционални малешевски производи, домашни специјалитети, ракотворби и други локални производи.
Токму ваквите манифестации се можност традицијата да не остане само спомен од минатото, туку да продолжи да живее – преку песната, носијата, старите занаети, храната и луѓето кои со љубов го пренесуваат наследството од една на друга генерација.
Берово со оваа манифестација ја промовира Малешевијата како културна и туристичка дестинација, а посетителите ќе имаат можност да го почувствуваат духот на овој прекрасен крај и да се запознаат со неговото богато наследство.
Три дена музика, фолклор, традиција, домашни вкусови и малешевско гостопримство ќе го исполнат Берово, а градот уште еднаш ќе покаже дека културниот живот во Македонија се создава насекаде – од најголемите градови до најмалите места.
А Естрада.мк продолжува да биде таму каде што се случуваат убавите македонски приказни, да ги открива, да ги следи и да ги доближува до своите читатели.
Од 27 до 29 август – Берово ве очекува на „Етно Фестивал Берово 2026“ и „Малешевијата на дланка“.
-
Шоу Бизпред 5 месециМала ѕвезда со голем глас – Ива Пауновиќ чекори сигурно кон музичкиот врв!
-
Народнапред 4 месециДарко Билбиловски претстави нова песна исполнета со емоција – „Само да си моја“
-
Шоу Бизпред 4 месециЗошто македонската музика „тапка во место“ и како легендите како Александар Сариевски го чуваат идентитетот
-
Шоу Бизпред 1 месецЅвездени носталгии тема – Горчлива чаша 14.07.2026
-
Шоу Бизпред 5 месеци„Позитив бенд“ – музика, еуфорија, енергија – гаранција за добра забава
-
Шоу Бизпред 3 месециКога ќе се спојат Илчо Париси и Спасе Антевски атмосферата станува спектакл!
-
Некатегоризиранопред 5 месециМладата Викторија Ефтимова го претстави новиот сингл „Идеали“
-
Шоу Бизпред 2 месециЅвездени носталгии тема – Гламур 07.07.2026
