КОЛУМНА
Љубомората, омразата и одмаздата – Три отрови што човек си ги внесува во сопствената душа
Во колумната од секојдневниот живот денес ќе зборуваме за љубомората, омразата и одмаздата. Знаете, постојат чувства кои на прв поглед ни изгледаат како сила, а всушност се тивка слабост. Љубомората е едно од нив, oмразата е друго, a желбата за одмазда често е нивното најопасно продолжение.
Кога човек е љубоморен, тој не гледа што има, туку што има другиот. Наместо да ја гради сопствената среќа, тој почнува да ја мери туѓата. Наместо да се радува на сопствениот напредок, го боли туѓиот успех. И така, без да забележи, дозволува туѓиот живот да стане господар на неговиот внатрешен мир.
Омразата, пак, е уште потежок товар. Таа не мора секогаш да се гледа во зборовите. Понекогаш се крие зад молчење, зад злобен поглед, зад потребата некој да не успее, зад задоволството кога на другиот му се случува нешто лошо. Човек може да мисли дека со омразата му нанесува штета на оној кого го мрази, но најчесто првиот што ја чувствува нејзината тежина е самиот тој, бидејќи омразата бара постојано внимание. Таа нè тера повторно и повторно да се навраќаме на неправдата, на навредата, на човекот што нè повредил, а можеби и никој не не повредил, тоа само љубомората си создава приказни. Ни го зема времето, ни го нарушува мирот, ни ја одзема способноста да уживаме во она што е добро во нашиот живот. Дури и кога другиот не е присутен, ние го носиме со себе во мислите, во гневот, во немирот.
А што е одмаздата?
Одмаздата често се претставува како задоволување на правдата, но не секоја одмазда е правда. Понекогаш таа е само болка која бара нова болка. Човекот што се чувствува повреден сака другиот да почувствува нешто слично. Сака да го заболи, да го понижи, да му врати. И можеби во еден момент ќе почувствува кратко задоволство, но, каква е таа радост на душата ако е изградена врз туѓото страдање?
Каков мир може да донесе тоа што некому си му нанесол зло? Дали навистина стануваме подобри, посилни или посреќни ако успееме да го повредиме оној што нè повредил? Или само дозволуваме неговата постапка да нè претвори во нешто што можеби никогаш не сме сакале да бидеме?
Најголемата победа не е секогаш во тоа да му вратиш на некого. Понекогаш најголемата победа е да не дозволиш туѓата злоба да го промени твојот карактер. Да не дозволиш нечија омраза да стане и твоја. Да не дозволиш нечија неправда да те натера да постапиш неправедно.
Тоа не значи дека треба да трпиме сè, да молчиме пред секоја неправда или да дозволиме некој да нè повредува без граници. Можеме да се заштитиме. Можеме да се оддалечиме. Можеме да кажеме „доста е“. Можеме да побараме правда кога е потребно. Но, постои голема разлика меѓу тоа да се заштитиш или да живееш за да му се одмаздиш на некого. Првото е грижа за себе, а второто е заробеништво во туѓата постапка.
Затоа, пред да дозволиме љубомората да ни го помати погледот, омразата да ни го нагрди срцето, а одмаздата да ни го одземе достоинството, треба да се запрашаме – Што добивам јас од ова, дали станувам посреќен човек или само станувам уште еден носител на болка?
Животот е премногу краток за да го трошиме во споредување, во злоба и во пресметки. Не ни е потребна омраза за да бидеме силни. Не ни е потребна одмазда за да бидеме вредни. Не ни е потребно туѓото паѓање за да се чувствуваме високо. Ни треба мир. Ни треба чиста совест. Ни треба способност да продолжиме напред без постојано да се навраќаме на оние што сакале да нè повредат.
Не ни е потребна омраза и одмазда. Ни треба сила да не станеме слични на оние што ни нанеле зло. Затоа што најубавата победа е онаа по која душата останува чиста.
КОЛУМНА
Дали знаеш колку ти е доволно за среќа
Во колумната од обичниот живот, наменета за оваа седмица ќе зборуваме за тоа, дали знаеме колку ни е доволно за среќа, дали знаеме да го живееме животот или од животот ќе создадеме само патека за трчање по пари.
Што е тоа што човекот го тера да се лакоми по сè повеќе пари? Каде е границата по која човекот треба да каже: „Доста ми е, имам доволно за да живеам убаво“? Зошто некој, и кога веќе има милиони, куќи, автомобили, бизниси и сметки на кои цифрите изгледаат нереално, повторно гледа само кон следната цифра? Зошто достигнатото не го исполнува, туку само го тера да сака уште?
Можеби затоа што во еден момент парите престануваат да бидат средство и стануваат мерило за сопствената вредност. Не е веќе важно што имаш, туку колку имаш во споредба со оној до тебе. Не е важно дали си среќен, туку дали си побогат. Не е важно дали си создал убав живот, туку дали си создал поголемо богатство. И така, човекот почнува да трча. Трча по пари, по имот, по автомобили, по часовници, по брендови, по статус… А додека трча, животот поминува покрај него. Поминуваат годините во кои можел да патува, да седне со пријателите без да гледа во часовник, да помине повеќе време со семејството, да отпатува некаде без деловен телефон во рака, да прочита книга, да се насмее од срце, да создаде спомен што нема цена. Затоа што има нешто што парите не можат да го купат, вратеното време. Можеш да купиш најскап автомобил, но не можеш да купиш уште една година од животот. Можеш да купиш најскап часовник, но не можеш да го запреш времето. Можеш да купиш луксузна куќа, но не можеш да купиш топлина ако во неа нема луѓе што ги сакаш.
И најважното, можеш да имаш милиони, а да бидеш сиромашен за најважното, здравјето, на пример. Чудна е животната иронија. Некои луѓе цел живот собираат богатство, понекогаш и по цена на туѓа несреќа, нечесност, газење преку луѓе и изгубена совест, а потоа, кога здравјето ќе се разниша, почнуваат да ги трошат тие пари на лекари, болници, терапии и лекување. И да, ќе кажеме: „Добро е што ги имал, да ги немал парите, можеби немаше да може да замине во странство, да добие подобар третман, да си овозможи најдобра можна медицинска грижа.“ Точно, парите можат да помогнат. Но зарем не е уште повредно прашањето: што ако најголемото богатство било да не мораш да го купуваш најскапото лекување? Што ако најголемиот луксуз е здраво тело, мирен сон, чиста совест, семејство кое те сака и живот во кој не си заборавил да живееш?
Никој не вели дека човек не треба да заработува, напротив, убаво е да создадеш, да напредуваш, да имаш удобен живот и да можеш да си дозволиш нешта што ги посакуваш, но треба да знаеш колку ти е доста. Тоа е можеби една од најтешките животни лекции, бидејќи ако човек не знае што е „доста“, никогаш нема да биде богат, без разлика колку пари има. Секогаш ќе постои поголема куќа, поскап автомобил, поголема јахта, поскап часовник, поголема сметка, човек побогат од него. И ако среќата ја мериш со тоа, секогаш ќе ти недостига нешто. А зошто на пример, наместо уште еден автомобил, да не купиш авионска карта и да отпатуваш со оние што ги сакаш. Наместо уште еден скап часовник, можеш да подариш нешто на човек на кого навистина му треба. Наместо гардероба што ќе ја облечеш двапати, можеш да создадеш спомен што ќе го раскажуваш цел живот. Затоа што еден ден, кога ќе се свртиш назад, никој нема да праша колку чинел часовникот на твојата рака, ќе се сетиш на патувањата, на смеата, на луѓето, на љубовта, на местата што си ги видел, на утрата кога си се разбудил среќен. Ќе се сетиш на вечерата со семејството, на пријателот со кого си се смеел до солзи, на некоја мала работа што тогаш изгледала обично, а денес би дал сè повторно да ја доживееш. И можеби токму таму е вистинското богатство. Не во тоа колку си успеал да натрупаш зад себе, туку колку убав живот си успеал да создадеш додека ги заработуваше парите, бидејќи, што вреди цел живот да градиш богатство, ако на крајот зад себе оставаш само патека од трка по пари? Што вреди луксузниот живот ако немаш со кого да го споделиш? Што вреди најскапата клиника во странство ако претходно си го потрошил целиот живот заборавајќи да живееш? Не се плашете да имате пари, плашете се да не станете нивни робови. Заработувајте, создавајте, напредувајте. но застанете понекогаш. Погледнете околу себе, живејте, патувајте, читајте, смејте се, помогнете некому, создавајте спомени. Уживајте во малите нешта, затоа што токму тие најчесто се покажуваат како најголемите, научете ја најтешката, но можеби и најважната реченица: „Имам доволно.“ Знаете, во обичниот свет, надвор од некои блескави светилки, вистински богат не е оној што има најмногу, туку оној што има доволно и знае да биде среќен со тоа што го има. А најголемиот луксуз во животот не е да можеш да си дозволиш најскапо лекување кога ќе се разболиш, најголемиот луксуз е да имаш живот во кој си бил здрав, сакан, исполнет и мирен и да немаш потреба да го купуваш она што си го пропуштил додека си трчал по пари.
-
Шоу Бизпред 7 месециМала ѕвезда со голем глас – Ива Пауновиќ чекори сигурно кон музичкиот врв!
-
Народнапред 6 месециДарко Билбиловски претстави нова песна исполнета со емоција – „Само да си моја“
-
Шоу Бизпред 6 месециЗошто македонската музика „тапка во место“ и како легендите како Александар Сариевски го чуваат идентитетот
-
Шоу Бизпред 3 месециЅвездени носталгии тема – Горчлива чаша 14.07.2026
-
Шоу Бизпред 6 месеци„Позитив бенд“ – музика, еуфорија, енергија – гаранција за добра забава
-
Шоу Бизпред 5 месециКога ќе се спојат Илчо Париси и Спасе Антевски атмосферата станува спектакл!
-
Некатегоризиранопред 6 месециМладата Викторија Ефтимова го претстави новиот сингл „Идеали“
-
Шоу Бизпред 3 месециЅвездени носталгии тема – Гламур 07.07.2026
