Шоу Биз
Изминатиов викенд драма во Белград – Даниел Кајмакоски киднапиран, полицијата го ослободи
Вистинска драма се одвивала изминатиов викенд во Белград, кога македонскиот пејач Даниел Кајмакоски бил киднапиран од непознати лица, кои од него побарале откуп од 20.000 евра.
Како што пренесуваат српските медиуми, инцидентот се случил во близина на популарната локација „Бетон хала“, каде што пејачот бил пресретнат, врзан и присилно внесен во сопствениот автомобил. Киднаперите го одвеле во правец на Рума, со намера да стапат во контакт со неговото семејство и да побараат пари за откуп.
Во исто време, пријател на Кајмакоски го пријавил неговото исчезнување во полиција. Благодарение на засилените викенд контроли, сообраќајната полиција се обидела рутински да го запре возилото кај исклучувањето за Рума, но киднаперите не застанале, по што удриле во заштитна ограда. Напаѓачите излегле од автомобилот и избегале, додека Кајмакоски бил пронајден врзан во возилото.
Според неофицијални информации, се сомнева дека сторителите се странски државјани, а не е исклучена ниту можноста да се работи за мигранти. Потрагата по осомничените сè уште е во тек.
По повод настанот се огласи и мајката на пејачот, Ружа Кајмакоска, која изјави дека семејството доживеало огромен шок.
„Најважно е што е жив, а дали е добро – рано е да се каже. Сите сме во голем стрес“, изјави таа за медиумите.
Од тимот на Кајмакоски, неговата ПР-менаџерка Миланка Рашиќ потврди дека разговарала со него по ноќта помината во полициска станица.
„Веста дека Даниел бил киднапиран е точна. Зборував со него – добро е и сега е дома. Ми изгледа дека многу смирено и храбро се соочил со ситуацијата. Во интерес на истрагата, нема да дава изјави. Потребен му е мир“, соопшти таа.
Инаку, Даниел Кајмакоски е еден од најпознатите македонски пејачи, кој стана популарен преку учество во регионални музички натпревари, меѓу кои и „Твоето лице звучи познато“. Во јавноста е познат и по својот хуманитарен гест, кога целата награда од 25.000 евра ја донираше на самохрана мајка со две деца.
Благодарение на брзата интервенција на полицијата и специјалните единици, трагедијата заврши без фатални последици, но истрагата за овој сериозен инцидент сè уште е во тек.
Шоу Биз
Почина легендарниот актер Гоце Тодоровски – Македонија се простува од еден од своите најголеми уметници
Македонската културна сцена остана без едно од своите најпрепознатливи имиња. На 75-годишна возраст почина актерот Гоце Тодоровски, човекот чии улоги со децении ги насмејуваа, трогнуваа и обединуваа генерации гледачи.
Тажната вест ја соопшти неговата ќерка Сашенка Тодоровска преку објава на социјалните мрежи, со емотивни зборови со кои се прости од својот татко.
„По голема борба нè напушти Гоце Тодоровски. Лесна ти земја, татко мој. Душата не умира, а телото беше премногу истрошено. Летај со ангелите“, напиша таа.
Гоце Тодоровски е роден на 30 април 1951 година во Кичево. По завршувањето на актерските студии во Скопје, својата професионална кариера ја започна во Драмскиот театар, каде од 1978 година беше член на ансамблот. Со текот на годините настапуваше и на сцените на повеќе македонски театри, оставајќи силен печат во домашната драмска уметност.
Во својата речиси петдецениска кариера, Тодоровски соработуваше со најистакнатите македонски режисери, меѓу кои Слободан Унковски, Коле Ангеловски, Владимир Милчин, Димитар Станковски и Димитрие Османли.
Публиката најмногу ќе го памети по неговите незаборавни улоги во култната серија „Македонски народни приказни“, но и во телевизиските проекти „Бушава азбука“, „Итар Пејо“, „Трето доба“, „Трст виа Скопје“, „Солунски патрдии“, „Хихирику“, „Чук, чук Стојанче“, „Булки кај шините“ и многу други.
Значаен белег остави и на филмското платно, со улоги во „Среќна Нова ’49“, „Викенд на мртовци“, „Тетовирани души“, „Шеќерна приказна“, „Бол“, „Женски оркестар“, „Учителот“, „Црвени“ и други македонски филмски остварувања.
И покрај долгата и успешна кариера, Тодоровски остана професионално активен до последните години. До минатата година снимаше нови епизоди од „Македонски народни приказни“, а пред неговата хоспитализација работеше и на новата телевизиска серија „Враќање во иднината“, чија премиера се очекува во текот на 2026 година.
За својот исклучителен придонес во културата и уметноста доби бројни признанија, а во 2025 година му беше врачена државната награда „23 Октомври“, едно од највисоките национални одликувања.
Со заминувањето на Гоце Тодоровски, Македонија загуби актер кој остави неизбришлива трага во театарот, филмот, телевизијата и радиото. Неговите ликови, препознатливиот хумор и актерска харизма ќе останат дел од колективната меморија и културното наследство на земјата.
Искрено сочувство до неговото семејство, пријателите, колегите и сите почитувачи на неговото богато творештво. Неговото име и дело ќе продолжат да живеат преку улогите што оставија неизбришлив белег во македонската култура.
-
Шоу Бизпред 4 месециМала ѕвезда со голем глас – Ива Пауновиќ чекори сигурно кон музичкиот врв!
-
Народнапред 3 месециДарко Билбиловски претстави нова песна исполнета со емоција – „Само да си моја“
-
Шоу Бизпред 3 месециЗошто македонската музика „тапка во место“ и како легендите како Александар Сариевски го чуваат идентитетот
-
Шоу Бизпред 2 неделиЅвездени носталгии тема – Горчлива чаша 14.07.2026
-
Шоу Бизпред 4 месеци„Позитив бенд“ – музика, еуфорија, енергија – гаранција за добра забава
-
Шоу Бизпред 2 месециКога ќе се спојат Илчо Париси и Спасе Антевски атмосферата станува спектакл!
-
Некатегоризиранопред 4 месециМладата Викторија Ефтимова го претстави новиот сингл „Идеали“
-
Шоу Бизпред 3 неделиЅвездени носталгии тема – Гламур 07.07.2026
