КОЛУМНА
Дали знаеш колку ти е доволно за среќа
Во колумната од обичниот живот, наменета за оваа седмица ќе зборуваме за тоа, дали знаеме колку ни е доволно за среќа, дали знаеме да го живееме животот или од животот ќе создадеме само патека за трчање по пари.
Што е тоа што човекот го тера да се лакоми по сè повеќе пари? Каде е границата по која човекот треба да каже: „Доста ми е, имам доволно за да живеам убаво“? Зошто некој, и кога веќе има милиони, куќи, автомобили, бизниси и сметки на кои цифрите изгледаат нереално, повторно гледа само кон следната цифра? Зошто достигнатото не го исполнува, туку само го тера да сака уште?
Можеби затоа што во еден момент парите престануваат да бидат средство и стануваат мерило за сопствената вредност. Не е веќе важно што имаш, туку колку имаш во споредба со оној до тебе. Не е важно дали си среќен, туку дали си побогат. Не е важно дали си создал убав живот, туку дали си создал поголемо богатство. И така, човекот почнува да трча. Трча по пари, по имот, по автомобили, по часовници, по брендови, по статус… А додека трча, животот поминува покрај него. Поминуваат годините во кои можел да патува, да седне со пријателите без да гледа во часовник, да помине повеќе време со семејството, да отпатува некаде без деловен телефон во рака, да прочита книга, да се насмее од срце, да создаде спомен што нема цена. Затоа што има нешто што парите не можат да го купат, вратеното време. Можеш да купиш најскап автомобил, но не можеш да купиш уште една година од животот. Можеш да купиш најскап часовник, но не можеш да го запреш времето. Можеш да купиш луксузна куќа, но не можеш да купиш топлина ако во неа нема луѓе што ги сакаш.
И најважното, можеш да имаш милиони, а да бидеш сиромашен за најважното, здравјето, на пример. Чудна е животната иронија. Некои луѓе цел живот собираат богатство, понекогаш и по цена на туѓа несреќа, нечесност, газење преку луѓе и изгубена совест, а потоа, кога здравјето ќе се разниша, почнуваат да ги трошат тие пари на лекари, болници, терапии и лекување. И да, ќе кажеме: „Добро е што ги имал, да ги немал парите, можеби немаше да може да замине во странство, да добие подобар третман, да си овозможи најдобра можна медицинска грижа.“ Точно, парите можат да помогнат. Но зарем не е уште повредно прашањето: што ако најголемото богатство било да не мораш да го купуваш најскапото лекување? Што ако најголемиот луксуз е здраво тело, мирен сон, чиста совест, семејство кое те сака и живот во кој не си заборавил да живееш?
Никој не вели дека човек не треба да заработува, напротив, убаво е да создадеш, да напредуваш, да имаш удобен живот и да можеш да си дозволиш нешта што ги посакуваш, но треба да знаеш колку ти е доста. Тоа е можеби една од најтешките животни лекции, бидејќи ако човек не знае што е „доста“, никогаш нема да биде богат, без разлика колку пари има. Секогаш ќе постои поголема куќа, поскап автомобил, поголема јахта, поскап часовник, поголема сметка, човек побогат од него. И ако среќата ја мериш со тоа, секогаш ќе ти недостига нешто. А зошто на пример, наместо уште еден автомобил, да не купиш авионска карта и да отпатуваш со оние што ги сакаш. Наместо уште еден скап часовник, можеш да подариш нешто на човек на кого навистина му треба. Наместо гардероба што ќе ја облечеш двапати, можеш да создадеш спомен што ќе го раскажуваш цел живот. Затоа што еден ден, кога ќе се свртиш назад, никој нема да праша колку чинел часовникот на твојата рака, ќе се сетиш на патувањата, на смеата, на луѓето, на љубовта, на местата што си ги видел, на утрата кога си се разбудил среќен. Ќе се сетиш на вечерата со семејството, на пријателот со кого си се смеел до солзи, на некоја мала работа што тогаш изгледала обично, а денес би дал сè повторно да ја доживееш. И можеби токму таму е вистинското богатство. Не во тоа колку си успеал да натрупаш зад себе, туку колку убав живот си успеал да создадеш додека ги заработуваше парите, бидејќи, што вреди цел живот да градиш богатство, ако на крајот зад себе оставаш само патека од трка по пари? Што вреди луксузниот живот ако немаш со кого да го споделиш? Што вреди најскапата клиника во странство ако претходно си го потрошил целиот живот заборавајќи да живееш? Не се плашете да имате пари, плашете се да не станете нивни робови. Заработувајте, создавајте, напредувајте. но застанете понекогаш. Погледнете околу себе, живејте, патувајте, читајте, смејте се, помогнете некому, создавајте спомени. Уживајте во малите нешта, затоа што токму тие најчесто се покажуваат како најголемите, научете ја најтешката, но можеби и најважната реченица: „Имам доволно.“ Знаете, во обичниот свет, надвор од некои блескави светилки, вистински богат не е оној што има најмногу, туку оној што има доволно и знае да биде среќен со тоа што го има. А најголемиот луксуз во животот не е да можеш да си дозволиш најскапо лекување кога ќе се разболиш, најголемиот луксуз е да имаш живот во кој си бил здрав, сакан, исполнет и мирен и да немаш потреба да го купуваш она што си го пропуштил додека си трчал по пари.
КОЛУМНА
Неблагодарност – кога добрината се заборава, а очекувањата никогаш не престануваат
Во колумната од секојдневниот живот, овој пат ќе зборуваме за благодарност и не благодаронст, нешта кои создаваат блискост меѓу луѓето или пак, ги оддалечуваат еден од друг.
Постои еден чуден, речиси неверојатен човечки парадокс. Можеш некому да му ја исполниш и најголемата животна желба, да му помогнеш да го добие она за кое долго сонувал, да му подадеш рака тогаш кога најмногу му требала, и сето тоа да го направиш без да очекуваш ништо за возврат, а потоа, истиот тој човек, како со гума ќе ги избрише сите твои добрини, ќе се однесува кон тебе како никогаш да не си постоел во неговите тешки моменти. Доволен е само еден момент на смислени неправди и одеднаш стануваш човек со илјада недостатоци, како добрината никогаш да не се случила, а неблагодарноста да била единственото нешто што отсекогаш го знаел.
Во секоја средина постојат луѓе на кои можеш да им помогнеш десет пати, а единаесеттиот пат, ако нешто не биде според нивните очекувања, ќе заборават на сите претходни добрини. Наместо благодарност, ќе најдат забелешка, наместо разбирање, ќе измислат неправда, наместо да го погледнат сопствениот придонес, ќе почнат да ги споредуваат своите услови со туѓите, да бројат кој што добил, кој колку заслужува и зошто некој друг има нешто што тие го немаат.
Уште по парадоксално е што таквото незадоволство ретко произлегува од вистинска желба за подобрување, многу почесто зад него се крие немоќта да се прифати дека некој друг е подобар, поспособен, поистраен или поодговорен. Кога човек нема доволно аргументи со сопствените резултати, почнува да бара недостатоци кај оние што ги постигнуваат. Кога не може да се издвои со квалитет, се обидува да се издвои со поплаки, споредби, интриги и постојано докажување дека е оштетен.
Така се создава една апсурдна слика, вредните стануваат виновни затоа што се способни, одговорните затоа што не се жалат, а оние што избегнуваат обврски наеднаш стануваат најгласните поборници за правда и еднаквост. Не затоа што навистина сакаат сите да бидат еднакво вреднувани, туку затоа што им пречи кога некој со својата работа го покажува она што тие не го постигнале.
Понекогаш зависта не се појавува како отворена љубомора. Таа знае да се маскира во грижа за правдата, во наводна загриженост за колективот, во ситни забелешки, во постојано преиспитување на туѓите одлуки, а всушност мисли само на себе и никој друг. А кога тоа нема да биде доволно, почнуваат обидите способниот човек да се измори, да се обесхрабри, да се посомнева во себе и на крајот сам да се повлече, бидејќи, кога некој не може да го достигне твоето ниво, ќе се обиде да те спушти на своето.
Но, тука се поставува едно важно прашање, како да се остане човек во средина во која добрината се зема здраво за готово, трудот се потценува, а туѓата неспособност се обидува да се претстави како неправда?
Првиот чекор е да се направи разлика меѓу добрината и дозволата да бидеш искористуван. Да се биде добар не значи дека секогаш мора да се попушта, да се оправдува туѓото однесување и да се даваат нови шанси без никаква промена. Помошта е вредност, но не е обврска кон луѓе кои ја прифаќаат само кога им одговара. Понекогаш најздравиот одговор на неблагодарноста е едноставно повлекување на сопствената енергија.
Вториот чекор е да не се влегува во секоја битка што некој ќе ја наметне. Не секоја неправедна забелешка заслужува објаснување, не секоја провокација бара одговор и не секое туѓо незадоволство е наша одговорност. Луѓето кои постојано бараат конфликт често не бараат решение, туку реакција. Ако постојано се обидуваме да им докажеме, ризикуваме да го потрошиме времето и мирот обидувајќи се да убедиме луѓе кои однапред одлучиле да не нè разберат.
Третиот чекор е да не дозволиме туѓата завист да ни го промени карактерот. Не треба да станеме недоверливи кон сите само затоа што некои ја злоупотребиле нашата добрина. Не треба да престанеме да помагаме, но треба повнимателно да избираме кому, колку и до каде. Не треба да ја криеме способноста за да не му пречиме некому, ниту да го намалуваме сопствениот успех за другите да се чувствуваат подобро.
И можеби најважно од сè, да научиме дека не мора секој да ја препознае нашата вредност за таа да постои. Не мора секој да ни биде благодарен, ниту секој да ја разбере нашата намера. Некои луѓе ќе ги паметат само моментите кога не сме им излегле во пресрет, а ќе ги заборават сите оние кога сме им помогнале. Тоа зборува за нивниот однос кон добрината, максимално злоупотребување само и само за своја корист, но не и за вредноста на добрината.
На крајот на краиштата, животот не е натпревар во тоа кој погласно ќе се пожали, кој повеќе ќе се споредува или кој подобро ќе ја одигра улогата на жртва. Вистинската вредност се гледа во делата, во одговорноста, во начинот на кој се однесуваме кога никој не нè контролира и во тоа колку сме способни да создадеме, а не колку сме умешни да обвиниме.
Затоа, не дозволувајте туѓата завист, туѓата себичност да ви ја одземе желбата да бидете добри, туѓата неблагодарност да ве натера да се сомневате во сопствените вредности, ниту туѓата бучава да ве убеди дека молчењето е слабост. Понекогаш најголемата сила е да продолжиш да работиш, да создаваш и да бидеш исправен, без потреба да се докажуваш пред секого, бидејќи човекот што навистина вреди нема потреба постојано да ја објавува својата вредност. А оној што постојано се обидува да ја намали туѓата, можеби токму таму ја открива сопствената неспособност.
-
Шоу Бизпред 8 месециМала ѕвезда со голем глас – Ива Пауновиќ чекори сигурно кон музичкиот врв!
-
Народнапред 7 месециДарко Билбиловски претстави нова песна исполнета со емоција – „Само да си моја“
-
Шоу Бизпред 7 месециЗошто македонската музика „тапка во место“ и како легендите како Александар Сариевски го чуваат идентитетот
-
Шоу Бизпред 4 месециЅвездени носталгии тема – Горчлива чаша 14.07.2026
-
Шоу Бизпред 8 месеци„Позитив бенд“ – музика, еуфорија, енергија – гаранција за добра забава
-
Шоу Бизпред 6 месециКога ќе се спојат Илчо Париси и Спасе Антевски атмосферата станува спектакл!
-
Некатегоризиранопред 8 месециМладата Викторија Ефтимова го претстави новиот сингл „Идеали“
-
Шоу Бизпред 5 месециЅвездени носталгии тема – Гламур 07.07.2026
