Поврзете се со нас

КОЛУМНА

Остани човек, дури и кога другите заборавиле што значи тоа

Објавено

на

Во денешнава колумна на теми од секојдневниот живот, ќе зборуваме за свет преполн со лажни насмевки, празни зборови и луѓе кои те прегрнуваат, а во исто време бараат најмеко место каде што ќе ти го забодат ножот. Свет во кој некои раце се протегаат кон тебе не за да ти помогнат, туку за да ти земат. Свет во кој добрината често се смета за слабост, чесноста за наивност, а искреноста за нешто што треба да се искористи.

Живееме во време во кое е доволно само еднаш да кажеш „не“ за некого да заборави на сите твои „да“. Можеш да бидеш тука за некого сто пати, да му помогнеш кога му е најтешко, да му подадеш рака кога сите други ќе се тргнат, да го браниш кога не е присутен, да му бидеш Човек кога нему му треба Човек. Но кажи му еднаш „не можам“, „не сакам“ или „ова не е во ред“ и одеднаш стануваш лошиот. Како сите твои добри дела да исчезнале, како човекот да не те памети по она што си го направил за него, туку само по она што еднаш си одбил да го направиш.

Реклама
Во Твоја Зона

Тоа е еден од најтажните облици на човечката неблагодарност.

Овој свет сè помалку сака луѓе со свое „јас“, полесно му е со марионети, со луѓе чии ставови можеш да ги менуваш, чии одлуки можеш да ги контролираш, чии граници можеш да ги поместуваш кога тебе ти одговара. Пожелно е да молчиш кога треба да зборуваш, да се согласуваш кога не се согласуваш, да трпиш за да не се налути некој, да премолчиш неправда за да не останеш сам.

Реклама
Во Твоја Зона

И токму тука човекот најмногу се губи, не кога ќе остане без луѓе, туку кога ќе се изгуби себеси за да ги задржи. Најтешко е за оние чисти души, за оние кои веруваат како деца. За оние кои не тргнуваат од претпоставка дека некој ќе ги излаже. За оние кои го слушаат туѓиот збор и му веруваат, затоа што самите не знаат да лажат. За оние кои кога сакаат, сакаат искрено, кога помагаат, не бараат ништо назад, а кога ќе пуштат некого во својот живот, го пуштаат со отворено срце. И токму таквите луѓе најчесто стануваат мета, не затоа што се слаби, туку затоа што веруваат дека и другите имаат срце како нивното. А немаат сите.

Има луѓе кои добрината ја гледаат како можност, искреноста како слабост, простувањето како дозвола повторно да те повредат. Има луѓе кои кога ќе им дадеш прст, не застануваат на прстот, ја побаруваат целата рака. И тогаш доаѓа оној момент кога сфаќаш дека си бил излажан од човек на кого си верувал. Тоа е посебна болка, не боли само лагата, боли сознанието дека човекот на кого си му верувал, свесно избрал да ја изневери твојата доверба. Тоа е исто како да му подадеш срце во рацете, а тој да ти врати камен. Болката е тивка, но остра, никој не ја гледа, не остава модринка, не крвари, не се превиваш од неа пред другите, само продолжуваш да живееш, да зборуваш, да се смееш, а внатре во тебе нешто се скршило.

Реклама
Во Твоја Зона

И најчесто таквите луѓе не кажуваат ништо, не прават сцени, не се одмаздуваат, само се повлекуваат. И тоа е моментот кога оној што те повредил често мисли дека победил, а всушност изгубил. Изгубил Човек кој можеби никогаш немаше да му наштети, Човек кој ќе му помогнеше, Човек кој ќе останеше покрај него и кога другите ќе си заминеа. А таквите луѓе не се среќаваат секој ден, а таков Човек кога еднаш ќе го изгубиш, можеби навистина го губиш засекогаш.

Затоа, не ја злоупотребувајте добрината на луѓето. Ако ви треба помош – побарајте ја, ако нешто не можете – кажете, ако некого не сакате во својот живот – бидете искрени. Но не земајте од некого нешто што не сте подготвени да му го дадете и самите, не ја газете чесноста на човек кој ви верувал, не ја користете неговата наивност за ваша корист. Со своите постапки не го ,,убедувајте” дека е будала затоа што ви верувал, бидејќи наивноста не е секогаш глупост, понекогаш е само чистота која сè уште не научила дека не секој човек има чисти намери.

Реклама
Во Твоја Зона

И да, сите ние понекогаш кажуваме „бела лага“. Понекогаш премолчуваме нешто за да не повредиме некого. Понекогаш вистината ја кажуваме повнимателно затоа што знаеме дека зборовите можат да бидат остри. Понекогаш лажеме за да спасиме некого од непотребна болка. Но постои огромна разлика меѓу лага која штити и лага која уништува. Меѓу лага кажана за да поштедиш нечие срце и лага кажана за да го искористиш. Разлика меѓу премолчување од милост и измама од корист. Секој човек треба да знае да ги разликува лагите и да знае каде е таа граница, бидејќи лагата можеби може да трае некое време, но вистината има една чудна навика, секогаш наоѓа пат до светлината. Можеш да сокриеш збор, можеш да сокриеш порака, можеш да сокриеш постапка, но тешко можеш засекогаш да ја сокриеш вистината. А кога ќе излезе на виделина, не боли само тоа што си бил откриен, боли сознанието дека си изгубил некој, кој можеби искрено те сакал, почитувал и ти верувал.

Затоа, ако си чесен, не се срами од тоа, биди горд. Чувај ја таа светлина во себе, дури и кога светот околу тебе изгледа темен. Не дозволувај туѓата нечистотија да те натера да ја извалкаш сопствената душа. Да, понекогаш ќе бидеш излажан, ќе бидеш искористен, ќе веруваш во погрешен човек, ќе дадеш повеќе отколку што си добил, ќе се прашуваш зошто си бил добар кон некого, кој не знаел да ја цени твојата добрина. Но не дозволувај тоа да те претвори во него, тоа ќе биде неговата најголемата победа, да создаде ист како себе.

Реклама
Во Твоја Зона

Не е победа на оној што те повредил да му вратиш со иста мера, победа е да поминеш низ болката и повторно да останеш Човек. Да простиш, но да запомниш, да не мразиш, но да научиш, да не се одмаздуваш, туку да поставиш граница, бидејќи простувањето не значи дека повторно треба да му ја дадеш истата врата на човекот кој еднаш влегол со лоши намери, можеш да простиш и од далеку.

Можеш да посакаш некому добро, а сепак да продолжиш без него, можеш да не носиш омраза во себе, но никогаш повторно да не дозволиш некој да има ист пристап до твоето срце. И не, таквиот пристап не е суровост, тоа е зрелост.

Реклама
Во Твоја Зона

И запаметете, човекот кој е наивен како дете, кога еднаш навистина ќе биде повреден, често заминува тивко, не затоа што не му било важно, туку затоа што му било премногу важно. Таквите луѓе можат долго да простуваат, долго да разбираат, долго да наоѓаат оправдувања за другите, но кога еднаш ќе се скрши последното парче доверба, нешто во нив се менува. Не стануваат полоши, само стануваат повнимателни. Зад нив можеби ќе остане најголемата неправда кон нив, тоа што луѓето нивната тишина ја мешаат со слабост, а тие во тишината водат цели битки, ја носат болката како крст, без да ја покажуваат. И тие плачат, но кога никој не гледа, се прашуваат каде погрешиле, се обидуваат да разберат зошто некој, кому му дале срце, им вратил со рана. И токму таа болка, колку и да е тешка, еден ден ги прави поголеми.

Ги учи дека не треба да престанат да бидат добри, само треба да научат кому ја подаруваат својата добрина. Дека не треба да престанат да веруваат, туку треба да научат дека довербата се заслужува. Дека не треба да престанат да сакаат – туку да научат дека љубовта без граници понекогаш станува самоповредување. И можеби токму тоа е лекцијата што животот најтешко ја учи – Не дозволувај болката да те претвори во оној што те повредил. Ако некој те излажал – ти биди искрен, ако некој те искористил – ти не користи други, ако некој ти го скршил срцето – не крши туѓо, ако некој ти направил неправда – не станувај неправеден. Во светот кој е полн со темнина, не мора и ти да станеш дел од неа. Остани Човек и кога е тешко и кога боли и кога добрината не ти се враќа, кога ќе ти кажат дека си наивен затоа што сè уште веруваш во чесност. Ти верувај, не затоа што сите луѓе се добри, туку затоа што не сакаш туѓата лошотија да го промени она што е најубаво во тебе.

Реклама
Во Твоја Зона

Затоа, чувај го своето срце, не го затворај целосно само затоа што некој не знаел да го чува. Постави граници, но не гради ѕидови, биди внимателен, но не станувај циничен. Прости, но памети, сакај, но не заборавај да се сакаш себеси и пред сè, остани Човек. Во свет во кој сè може да се купи, најскапоцено останува она што не се продава – чиста совест, искрено срце и човечност.

Ако некогаш се прашаш дали вреди да бидеш добар во свет што често не ја наградува добрината, сети се на едно, ти не си добар затоа што очекуваш светот да ти врати, ти си добар затоа што тоа си ти. И не дозволувај туѓата лага да ти ја украде најубавата вистина за тебе, дека и покрај сè што си претрпел, си останал Човек.

Реклама
Во Твоја Зона
Продолжи со читање
Реклама Во Твоја Зона

КОЛУМНА

НЕ СЕ ГУБИ СЕБЕСИ ЗА ДА ГИ ЗАДРЖИШ ДРУГИТЕ

Објавено

на

Од

Колумната од секојдневицата денес е наменета за темата страв, страв од промени, старав од напуштање, страв од мислењето на другите. Ајде да видиме како ќе звучи оваа тема.

Има еден момент во животот кога едноставно ќе ти пукне филмот. Не затоа што си станал посилен од вчера, туку затоа што конечно ќе сфатиш колку долго си бил слаб пред погрешните луѓе, пред сопствените стравови и пред сè она што си го трпел само за да не изгубиш нешто што одамна не те правело среќен.

Ќе дојде ден кога нема да ти биде важно кој ќе си замине. Нема да трчаш по никого, нема да се објаснуваш на секого и нема да ја трошиш душата докажувајќи дека си добар човек. Кој те знае, знае, кој сака да те разбере, ќе те разбере, а кој решил да те направи лош во својата приказна, ќе најде начин да го направи тоа дури и ако му го дадеш срцето на дланка.

Реклама
Во Твоја Зона

Пушти ги, не се сите луѓе создадени да останат. Некои доаѓаат за да те научат, некои за да те повредат, а некои за да ти покажат колку си се изгубил себеси обидувајќи се да ги задржиш. И знаеш што е најлошото, што понекогаш толку многу се плашиме да не останеме сами, што со години живееме покрај луѓе со кои сме осамени. Си се насмевнувал кога ти се плачело, си велел „добро сум“ кога во тебе сè се распаѓало, си премолчувал навреди за да не расипеш односи, си простувал работи што не требало ни да ги дозволиш, си им давал нови шанси на луѓе кои и претходните ги потрошиле без грам совест. И сето тоа затоа што си се надевал дека еден ден ќе сфатат колку вредиш. А знаеш што, не мора секој да ја препознае твојата вредност за таа да постои.

Не си роден за да бидеш удобен за сите, не си должен секогаш да бидеш фин, насмеан, достапен и подготвен да ги спасуваш другите, додека самиот тивко тонеш. Не мора да кажеш „нема проблем“ кога има проблем. Не мора да кажеш „разбирам“ кога некој повторно те гази и не мора да се чувствуваш виновен затоа што конечно си решил да се однесуваш кон себе како кон човек што заслужува почит. Доста беше од глумење дека ништо не те боли, доста беше од собирање туѓи проблеми во сопствените гради, доста беше од тоа да бидеш човекот на кој сите му се јавуваат кога им треба нешто, а никој не го прашува како е кога нему му е тешко. Знаеш што е вистинската храброст? Не е да издржиш уште една неправда, не е да премолчиш уште една лага, не е да се насмееш пред човек што те повредил, само за да му покажеш дека си над ситуацијата. Вистинската храброст е да си признаеш дека ти е доста. Да си заминеш од местото каде што постојано се докажуваш. Да престанеш да молиш за внимание, љубов и почит. Да го затвориш телефонот, да го оставиш минатото таму каде што му е местото и да престанеш да чекаш некој да ти го даде она што требало да ти го дава без молење. И немој да чекаш да бидеш подготвен, нема да дојде некој магичен понеделник кога ќе се разбудиш без страв, без сомнежи и без товар. Ќе има денови кога повторно ќе се двоумиш, кога ќе ти недостигаат и оние што не биле добри за тебе, кога ќе посакаш да се вратиш на старото само затоа што ти е познато. Но, познатото не значи дека е добро и мирот не значи дека нема никој околу тебе, понекогаш мирот е кога конечно ќе останеш сам со себе и нема да мораш да се преправаш дека си некој друг.

Реклама
Во Твоја Зона

Затоа, стани, измиј го лицето, погледни се во огледало и престани да се гледаш низ очите на оние што не знаеле да те ценат. Не си толку стар за да почнеш одново, не си толку скршен за да не можеш да се составиш, не си толку виновен што мораш цел живот да се казнуваш за грешките од минатото. И не си должен да го потрошиш остатокот од животот плашејќи се што ќе речат луѓето. Луѓето ќе зборуваат и кога ќе молчиш, ќе зборуваат и кога ќе успееш, ќе зборуваат и кога ќе паднеш. Ќе зборуваат кога ќе се смениш, а ќе зборуваат и кога ќе останеш ист. Па, кога веќе не можеш да ги замолчиш, барем немој да им го предадеш управувањето со сопствениот живот, направи го она што со години го одложуваш, кажи го она што ти стои во грлото. Замини од она што те гуши. Почни го она за кое постојано велиш „еден ден“. Јави му се на човекот што ти значи. Отиди таму каде што сакаш. Насмеј се без причина. Одмори без да се правдаш. И, ако треба, разочарај ги сите што се навикнале секогаш да бидеш на располагање, само немој повторно да се разочараш себеси за да ги задоволиш нив, затоа што животот не ти е некаде во иднината, кога ќе завршиш сè што другите очекуваат од тебе. Не е кога ќе ослабеш, кога ќе имаш повеќе пари, кога некој ќе те засака, кога ќе ти се извинат или кога конечно ќе ти признаат дека биле неправедни. Животот е сега, во ова утро, во оваа вечер, во секој ден што го трошиш чекајќи дозвола да бидеш среќен. А времето не преговара, не те прашува дали си подготвен, само тече и минува. Затоа, не му дозволувај на стравот да ти го изеде животот, на срамот да ти ја врзе душата, а на туѓите мислења да ти ги диктираат чекорите. Колку и да се трудиш да бидеш безгрешен, не можеш секогаш и секаде да бидеш безгрешен човек, затоа, стани вистински човек. Не мора да им се допаднеш на сите, доволно е да престанеш да се губиш себеси обидувајќи се да им угодиш. И кога следниот пат ќе почувствуваш страв пред нешто што навистина го сакаш, не прашувај се, што ќе се случи ако не успееш, прашај се и што ќе се случи ако цел живот не се осмелиш.

Па, доста е, не утре, не од понеделник, не кога ќе се сменат околностите, почни сега. Почни да живееш така што, кога ќе погледнеш назад, нема да ти биде жал само за работите што си ги направил, туку и за сите оние што си сакал да ги направиш, а не си имал храброст. Кога ќе помине времето на адаптација на новитетите ќе сфатиш, најголемата загуба не е кога ќе си замине некој од твојот живот, најголемата загуба е кога, обидувајќи се да ги задржиш сите, ќе го изгубиш единствениот човек со кој мораш да живееш до крајот, самиот себе.

Реклама
Во Твоја Зона
Продолжи со читање
Реклама
Реклама
Реклама Во Твоја Зона
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама

ПОПУЛАРНИ