КОЛУМНА
ДАЛИ ПРЕМНОГУ ЛЕСНИОТ ЖИВОТ НЕ НАПРАВИ ПРЕМНОГУ КРЕВКИ ?
Во денешнава колумна од секојдневниот жиот на човекот ќе зборуваме за нешто, што се повеќе се шири. Се повеќе слушаме за депресија, за анксиозност, за панични напади. За луѓе кои не сакаат да излезат од дома, не затоа што не сакаат луѓе, туку затоа што надвор од своите четири ѕида чувствуваат немир. За оние на кои најбезбедно им е во нивната мала, добро позната комфорна зона, каде што сè е предвидливо, контролирано и тивко.
Некако, колку повеќе имаме, толку повеќе изгледа дека нешто ни недостига. Чудно, нели? Живееме во време во кое можеме да имаме нешта за кои генерациите пред нас можеле само да сонуваат. За некои работи денес ни требаат неколку клика, а некогаш требале месеци, години, работа, штедење и многу одрекувања. Имаме технологија која ни го олеснува животот, имаме информации на дофат на рака. Можеме да разговараме со човек кој е илјадници километри далеку. Можеме да нарачаме речиси сè што ќе посакаме и да ни стигне пред врата. А сепак, сепак човекот некако станува сè поуморен, посензитивен, понемирен и сè почесто затворен во себе.
Дали е можно токму во тоа „имање“ да се крие дел од проблемот?
Не велам дека депресијата или анксиозноста се последица на удобниот живот. Тоа се сериозни состојби со многу различни причини и не треба никогаш да им кажеме на луѓето кои страдаат: „Премногу ти е лесно, затоа ти е тешко.“
Но можеби треба да се запрашаме дали современиот начин на живеење понекогаш ни ја одзема онаа внатрешна сила што некогаш се градела токму преку тешкотиите. Нашите родители и баби и дедовци не живееле лесно. Работеле во фабрики, на нива, во дуќани, по цел ден. Немале секогаш време да го прашаат детето дали е расположено, дали му е тешко, дали денес се чувствува добро. И не, тоа не значи дека било подобро да немаат време за своите деца, но имало нешто друго. Имале можност да научат од тешкотиите, децата морале да се снаоѓаат, морале да почекаат, морале да помогнат, морале да паднат и сами да станат. Морале да прифатат дека не секоја желба може веднаш да се исполни.
Денес, од најдобра намера, понекогаш правиме спротивно. „Ако јас сум се мачел, моето дете нема да се мачи“ и да тоа звучи прекрасно, родителската љубов токму така размислува. Но дали со тоа понекогаш не им го одземаме токму она што им е најпотребно за животот, можноста сами да се изборaт? Дали сето тоа не помалку себична и посесивна љубов која става спрепки на патот кон осамостојувањето? Носиме наместо нив, решаваме наместо нив, им го олеснуваме секој проблем. Ги штитиме од секое разочарување, од секој неуспех, од секое „не“.
А потоа доаѓа животот, а животот нема секогаш да ги прашува дали се подготвени. Ќе има одбивање, ќе има неуспех, ќе има неправда, ќе има луѓе кои нема да ги разберат, ќе има денови кога ќе мора да направат чекор иако се исплашени.
И тогаш човек кој никогаш не научил да се справува со малите тешкотии може да се исплаши од големите. Можеби затоа денес толку често слушаме – ..не можам”, наместо признание ,,не умеам”, И така комфорната зона, која во почетокот била засолниште, полека може да стане затвор.
А технологијата дополнително помага во депресијата и затвореноста и кај децата и кај возрасните. Не мора да излеземе за да купиме нешто. Не мора да излеземе за да се видиме со некого за да разговараме. Не мора да одиме никаде за да се забавуваме. Не мора ни да бидеме сами за да се чувствуваме осамено. Седиме едни покрај други, а секој е во својот екран. Имаме стотици пријатели на социјалните мрежи, а можеби немаме со кого да испиеме кафе кога навистина ни треба разговор. Гледаме туѓи животи, туѓи патувања, туѓи насмевки, туѓи успеси и почнуваме да го споредуваме својот реален живот со туѓата внимателно избрана слика. И полека влегуваме во еден свет што е удобен, но не е секогаш реален. Свет во кој можеме да блокираме човек со еден клик, да избришеме разговор, да го исклучиме телефонот, да не се соочиме, да избегаме. Но животот не функционира така. Не можеме да го блокираме проблемот, не можеме да го исклучиме стравот, не можеме засекогаш да се сокриеме од луѓето, од обврските, од разочарувањата, од сопствените слабости.
И можеби токму тука треба да почнеме да ја враќаме рамнотежата. Не со тоа што ќе се откажеме од удобноста, туку со тоа што ќе престанеме да ја мешаме удобноста со среќата, будејќи среќата не е секогаш таму каде што ни е најудобно. Понекогаш е на другата страна од стравот, во разговорот што долго го одложуваме, во прошетката на која не ни се излегува. Во новиот човек што се плашиме да го запознаеме. Во работата за која мислиме дека не сме доволно способни, во обидот по неуспехот. Во моментот кога ќе си кажеме: „Страв ми е, ама ќе пробам.“
Не треба да се срамиме ако ни е тешко, не треба ниту да глумиме сила кога ни треба помош. Понекогаш најголемата храброст е да кажеме дека не можеме сами и да побараме рака.
Но исто така, не треба цел живот да бегаме од она што нè плаши, бидејќи секое избегнување денес може да го направи утрешниот чекор уште потежок. Животот не е создаден за да го поминеме без непријатност. Создадени сме и за падови, и за борби, и за грешки, и за повторни почетоци. Никој не станува силен така што цел живот го поминува под стаклено ѕвоно, силата се создава кога ќе излеземе од него.
Затоа, ако денес твојот свет се свел на една соба, еден телефон и неколку луѓе со кои комуницираш само преку екран, направи мал чекор, излези, прошетај. Јави му се на некого, седни на кафе. Пробај нешто што долго го одложуваш. Не мора веднаш да го освоиш светот, доволен е еден мал чекор надвор од она што ти е познато. И ако не можеш сам – побарај помош, тоа не е слабост. Излези од комфорната зона, бидејќи комфорната зона е прекрасно место за одмор, но не е добро место за да го поминеме целиот живот.
Затоа, отвори ја вратата, ако ти се тресат рацете, отвори ја полека. Ако те е страв, излези со стравот. Ако не можеш сам, фати некого за рака, но излези, бидејќи можеби животот што го бараш не е во уште една безбедна вечер помината во четири ѕида, можеби е токму таму каде што ти е најнеудобно да зачекориш.
И да, иако денес се лесно остварливи желбите, остави си секогаш по некоја неисполнета, можеби токму таа ќе те извлече од стапицата на комфорната зона.
КОЛУМНА
Дали знаеш колку ти е доволно за среќа
Во колумната од обичниот живот, наменета за оваа седмица ќе зборуваме за тоа, дали знаеме колку ни е доволно за среќа, дали знаеме да го живееме животот или од животот ќе создадеме само патека за трчање по пари.
Што е тоа што човекот го тера да се лакоми по сè повеќе пари? Каде е границата по која човекот треба да каже: „Доста ми е, имам доволно за да живеам убаво“? Зошто некој, и кога веќе има милиони, куќи, автомобили, бизниси и сметки на кои цифрите изгледаат нереално, повторно гледа само кон следната цифра? Зошто достигнатото не го исполнува, туку само го тера да сака уште?
Можеби затоа што во еден момент парите престануваат да бидат средство и стануваат мерило за сопствената вредност. Не е веќе важно што имаш, туку колку имаш во споредба со оној до тебе. Не е важно дали си среќен, туку дали си побогат. Не е важно дали си создал убав живот, туку дали си создал поголемо богатство. И така, човекот почнува да трча. Трча по пари, по имот, по автомобили, по часовници, по брендови, по статус… А додека трча, животот поминува покрај него. Поминуваат годините во кои можел да патува, да седне со пријателите без да гледа во часовник, да помине повеќе време со семејството, да отпатува некаде без деловен телефон во рака, да прочита книга, да се насмее од срце, да создаде спомен што нема цена. Затоа што има нешто што парите не можат да го купат, вратеното време. Можеш да купиш најскап автомобил, но не можеш да купиш уште една година од животот. Можеш да купиш најскап часовник, но не можеш да го запреш времето. Можеш да купиш луксузна куќа, но не можеш да купиш топлина ако во неа нема луѓе што ги сакаш.
И најважното, можеш да имаш милиони, а да бидеш сиромашен за најважното, здравјето, на пример. Чудна е животната иронија. Некои луѓе цел живот собираат богатство, понекогаш и по цена на туѓа несреќа, нечесност, газење преку луѓе и изгубена совест, а потоа, кога здравјето ќе се разниша, почнуваат да ги трошат тие пари на лекари, болници, терапии и лекување. И да, ќе кажеме: „Добро е што ги имал, да ги немал парите, можеби немаше да може да замине во странство, да добие подобар третман, да си овозможи најдобра можна медицинска грижа.“ Точно, парите можат да помогнат. Но зарем не е уште повредно прашањето: што ако најголемото богатство било да не мораш да го купуваш најскапото лекување? Што ако најголемиот луксуз е здраво тело, мирен сон, чиста совест, семејство кое те сака и живот во кој не си заборавил да живееш?
Никој не вели дека човек не треба да заработува, напротив, убаво е да создадеш, да напредуваш, да имаш удобен живот и да можеш да си дозволиш нешта што ги посакуваш, но треба да знаеш колку ти е доста. Тоа е можеби една од најтешките животни лекции, бидејќи ако човек не знае што е „доста“, никогаш нема да биде богат, без разлика колку пари има. Секогаш ќе постои поголема куќа, поскап автомобил, поголема јахта, поскап часовник, поголема сметка, човек побогат од него. И ако среќата ја мериш со тоа, секогаш ќе ти недостига нешто. А зошто на пример, наместо уште еден автомобил, да не купиш авионска карта и да отпатуваш со оние што ги сакаш. Наместо уште еден скап часовник, можеш да подариш нешто на човек на кого навистина му треба. Наместо гардероба што ќе ја облечеш двапати, можеш да создадеш спомен што ќе го раскажуваш цел живот. Затоа што еден ден, кога ќе се свртиш назад, никој нема да праша колку чинел часовникот на твојата рака, ќе се сетиш на патувањата, на смеата, на луѓето, на љубовта, на местата што си ги видел, на утрата кога си се разбудил среќен. Ќе се сетиш на вечерата со семејството, на пријателот со кого си се смеел до солзи, на некоја мала работа што тогаш изгледала обично, а денес би дал сè повторно да ја доживееш. И можеби токму таму е вистинското богатство. Не во тоа колку си успеал да натрупаш зад себе, туку колку убав живот си успеал да создадеш додека ги заработуваше парите, бидејќи, што вреди цел живот да градиш богатство, ако на крајот зад себе оставаш само патека од трка по пари? Што вреди луксузниот живот ако немаш со кого да го споделиш? Што вреди најскапата клиника во странство ако претходно си го потрошил целиот живот заборавајќи да живееш? Не се плашете да имате пари, плашете се да не станете нивни робови. Заработувајте, создавајте, напредувајте. но застанете понекогаш. Погледнете околу себе, живејте, патувајте, читајте, смејте се, помогнете некому, создавајте спомени. Уживајте во малите нешта, затоа што токму тие најчесто се покажуваат како најголемите, научете ја најтешката, но можеби и најважната реченица: „Имам доволно.“ Знаете, во обичниот свет, надвор од некои блескави светилки, вистински богат не е оној што има најмногу, туку оној што има доволно и знае да биде среќен со тоа што го има. А најголемиот луксуз во животот не е да можеш да си дозволиш најскапо лекување кога ќе се разболиш, најголемиот луксуз е да имаш живот во кој си бил здрав, сакан, исполнет и мирен и да немаш потреба да го купуваш она што си го пропуштил додека си трчал по пари.
-
Шоу Бизпред 7 месециМала ѕвезда со голем глас – Ива Пауновиќ чекори сигурно кон музичкиот врв!
-
Народнапред 6 месециДарко Билбиловски претстави нова песна исполнета со емоција – „Само да си моја“
-
Шоу Бизпред 6 месециЗошто македонската музика „тапка во место“ и како легендите како Александар Сариевски го чуваат идентитетот
-
Шоу Бизпред 3 месециЅвездени носталгии тема – Горчлива чаша 14.07.2026
-
Шоу Бизпред 6 месеци„Позитив бенд“ – музика, еуфорија, енергија – гаранција за добра забава
-
Шоу Бизпред 5 месециКога ќе се спојат Илчо Париси и Спасе Антевски атмосферата станува спектакл!
-
Некатегоризиранопред 6 месециМладата Викторија Ефтимова го претстави новиот сингл „Идеали“
-
Шоу Бизпред 3 месециЅвездени носталгии тема – Гламур 07.07.2026
