Народна
Песните на Кирил Манчевски — фолклор по кој Македонија ќе се препознава и по многу години
Во време кога сè побрзо се забораваат вредностите што нè обликувале како народ, македонската народна песна останува еден од најсилните чувари на корените, традицијата и идентитетот. Токму затоа, Естрада.мк продолжува да потсетува на музичките легенди кои со својот глас, душа и љубов кон песната оставија неизбришлива трага во македонската музичка историја. Овој пат се потсетуваме на Кирил Манчевски, еден од великаните на градската и лирската народна песна.
Иако по професија бил металски работник, неговата вистинска животна определба била музиката. Народната песна била негов најверен сопатник, а сцената местото каде што неговата душа најсилно зборувала. Оние кои имале можност лично да го познаваат велат дека бил едноставен, искрен, духовит и пред сè голем професионалец.
Неговиот музички талент бил откриен во 1950-тите години, по што започнува неговиот пат како сценски презентатор на македонската народна песна, не само во Македонија, туку и надвор од нејзините граници. Настапувајќи со македонски фолклорни ансамбли, Кирил Манчевски успеал да ја доближи убавината на македонската песна и до светската публика, која со восхит ги прифаќала звуците на македонскиот мелос.
Најчесто настапувал како солист, а поретко и во дуети. Неговиот репертоар бил составен од најубавите бисери на македонската староградска музика лирски, печалбарски и патриотски песни исполнети со длабоки емоции и поетска тежина. Неговиот специфичен интерпретаторски стил се одликувал со богати мелизми, прецизни мелодиски орнаменти и долги, издржани каденци што оставаат впечаток и денес. Во секој отпеан тон се чувствувала искреноста, болката, љубовта и душата на македонскиот човек.
Кога ќе се слушне неговиот глас во песните „Буките развиваат браќа“, „Абер дојде Донке“, „Ајде слушај, слушај калеш бре Анѓо“, „Бог да бие кој прв почна“, „Дејгиди луди млади години“ и многу други, станува јасно дека народната песна не е само музика, таа е сведоштво за едно време, за еден народ и за неговото постоење.
Токму затоа, ваквите уметници не смеат да бидат заборавени. Нивните песни се жив фолклор, музичко наследство по кое ќе се препознаваме и по многу години. Во нив се вплетени македонската душа, традицијата, љубовта, тагата и историјата. А додека се слушаат нивните гласови, ќе живее и споменот за корените од кои потекнуваме.
Кирил Манчевски останува запаметен како човек кој не само што пееше народни песни, туку и ги живееше. Преку неговата интерпретација, македонската песна доби за вечно сведоштво уште подлабока емоција и уште посилно значење како вечен чувар на идентитетот и културното наследство на Македонија.
Народна
„Тумба фест 2026“ – кумановскиот хумор повторно ќе се пее на сцена
Куманово и годинава ќе биде домаќин на една од најспецифичните фестивалски приказни на македонската естрадна сцена. На 24 август, со почеток во 20 часот, во рамките на „Кумановско културно лето“ ќе се одржи 14-тото издание на „Тумба фест“, фестивал кој низ годините изгради препознатлив стил спојувајќи ја народната песна со хуморот, сатирата и секојдневието.
Зад фестивалот стои здружението „Етно ризница“, предводено од Драган Јаким, а токму негувањето на кумановскиот дијалект, локалниот хумор и македонскиот народен дух се едни од главните обележја по кои „Тумба фест“ се разликува од останатите фестивалски манифестации.
И оваа година публиката ќе има можност да слушне 15 нови композиции, создадени од познати македонски автори. Меѓу имињата кои учествуваат во музичкиот дел се Томислав Коцевски – Пепси, Цане Петров, Горан Милошески, Младен Протиќ,Боби Петковски, Славко Ристески, Кирил Стојчевски, Љубиша Јовановски – Жишка и Слаѓан Станишковски.
Посебноста на песните е токму во нивната тема, наместо класични фестивалски љубовни приказни, „Тумба фест“ и понатаму се потпира на духовитоста, иронијата и препознатливите ситуации од секојдневниот живот, преточени во музика.
На сцената ќе се појават голем број познати имиња. Публиката ќе ги види Катерина Брезева и „Соната“, Бранимир Стошиќ – Каце, Круме Спасовски и актерот Владо Дојчиновски, Вукица Челебиева и групата „Савршен дан“, Нино Величковски, Борче Наумовски – Министерот, Катерина Николовска Мицанова, Боби Амадеус и Татјана Јовановска, Мишко Микеле Србиновски, Ташко Карафиловски со „Астра бенд“, Јованка Јо, Виктор Димитриевски, Матео Шваст, Кире Науновски.
Како специјална гостинка на фестивалската вечер ќе настапи Ленче Кукиќ, додека водителската улога годинава повторно ѝ е доверена на Сузана Апостолова.
„Тумба фест“ не е само фестивал на нови песни. И годинава ќе бидат доделени традиционалните фестивалски признанија, меѓу кои и наградата за животно дело, чиј добитник организаторите сè уште го чуваат како изненадување.
Познато е, пак, дека признанието за најслушана песна меѓу две фестивалски изданија годинава ќе му припадне на Раде Младеновски за песната „Ракија“, дело на авторот Ристо Самарџиев.
Фестивалот традиционално се одржува под покровителство на Општина Куманово, а годинава неговата порака и специфичниот хумористичен пристап треба да стигнат до уште поширока публика. Генерален медиумски покровител на 14-тото издание е Македонската радио-телевизија.
На 24 август, Куманово повторно ќе покаже дека народната песна не мора секогаш да биде само сериозна и емотивна, понекогаш најдобро се пее токму она што сите го живееме, но со малку повеќе хумор, иронија и добронамерен мајтап.
-
Шоу Бизпред 6 месециМала ѕвезда со голем глас – Ива Пауновиќ чекори сигурно кон музичкиот врв!
-
Народнапред 5 месециДарко Билбиловски претстави нова песна исполнета со емоција – „Само да си моја“
-
Шоу Бизпред 5 месециЗошто македонската музика „тапка во место“ и како легендите како Александар Сариевски го чуваат идентитетот
-
Шоу Бизпред 2 месециЅвездени носталгии тема – Горчлива чаша 14.07.2026
-
Шоу Бизпред 5 месеци„Позитив бенд“ – музика, еуфорија, енергија – гаранција за добра забава
-
Шоу Бизпред 4 месециКога ќе се спојат Илчо Париси и Спасе Антевски атмосферата станува спектакл!
-
Некатегоризиранопред 6 месециМладата Викторија Ефтимова го претстави новиот сингл „Идеали“
-
Шоу Бизпред 2 месециЅвездени носталгии тема – Гламур 07.07.2026
