Поврзете се со нас

Народна

Куманово го одржа „Тумба фест“ 2025 – 18 рефрени, многу смеа и многу љубов

Објавено

на

На 21 август, Градскиот плоштад во Куманово повторно беше центар на музиката, хуморот и добрата забава. Со почеток во 20 часот, се одржа најпрепознатливиот кумановски музички фестивал „Тумба фест“, кој веќе со години наназад важи за еден од најавтентичните фестивали во Македонија.




Под мотото „Да пееме и да се смееме“, оваа година публиката уживаше во 18 фестивалски рефрени, напишани на повеќе дијалекти од македонското поднебје, во изведба на македонски и српски пејачи и драмски уметници. Спојот на музика и хумор, шеговити текстови и дијалектални особености создадоа атмосфера каква што само Куманово може да понуди.



Фестивалскиот концепт и годинава остана верен на својата традиција: шеговити песни на кумановски дијалект, но и на дијалекти од другите македонски градови, како и изведби со етно инспирација, свадбарски, весели, боемски и љубовни ноти. Музиката ги сплоти генерациите – од најмладите кои со радост ги пееја новите рефрени, до повозрасните кои со носталгија уживаа во етно призвукот.

Водителската палка беше во рацете на харизматичната актерска двојка Горан Илиќ – Гиле и Кети Дончевска Илиќ, кои со својот препознатлив хумор и сценска енергија ја водeа вечерта, одржувајќи ја комуникацијата со публиката жива и весела.

Организатор на фестивалот е здружението „Етно ризница“, кое секоја година успева да ја задржи автентичноста на настанот, но и да му даде нова свежина.

Како и секогаш, фестивалот не помина без доделување на признанија. За најслушана песна меѓу двата фестивала беше прогласена „Неста Ресенска“ во изведба на Ташко Каранфиловски и „Астра бенд“. Големата чест – Награда за животно дело, му припадна на музичкиот уметник, композитор, текстописец и еден од основачите на фестивалот, Миле Барбаровски, кој со своето творештво остави длабок белег во македонската музичка сцена. Дополнително, беа врачени и благодарници за учество на сите уметници и медиуми кои дадоа поддршка за настанот.

Иако од ревијален карактер, „Тумба фест“ е многу повеќе од обичен музички собир. Тој е симбол на Куманово, фестивал кој ја негува традицијата и ја слави песната на народниот јазик и дијалект. И оваа година, плоштадот во Куманово беше исполнет со смеа, песна и љубов кон македонската музика – доказ дека „Тумба фест“ е и ќе остане фестивал на душата, хуморот и македонскиот дух.

Продолжи со читање
Реклама

Народна

Сплотени во музика – започнува големиот концертен караван „Македонијо во срце те носиме“

Објавено

на

Од

Во рамките на големиот проект „Македонијо во срце те носиме“, деновиве излезе и последната песна која претставува круна на оваа музичка приказна. За првпат, сите 12 изведувачи кои се дел од проектот застанаа заедно на едно дело, создавајќи композиција што е повеќе од музика, песната ,,Роде мој” носи порака за сплотеност, љубов кон татковината и верба во иднината.




Во видео записот се вметнати сите учесници, но и прекрасните пејсажи на Македонија – од езерата и планините, до историските градови и културното наследство. На тој начин, песната не само што ја носи силната порака на заедништво, туку и ја прикажува убавината на нашата земја, како потсетник дека имаме за што да бидеме горди и што да чуваме.



Проектот не завршува тука – напротив, неговата енергија продолжува да живее преку голем концертен караван што ќе патува низ Македонија во периодот од 26 август до 24 септември. Караванот е осмислен да го доближи духот на песната и на целокупниот проект до што е можно повеќе граѓани, да ги обедини сите генерации и да ги исполни градските плоштади со музика, радост и заедничка емоција.

Концертниот караван ќе го следи следниот распоред:

  • 26.08 – Охрид, 20: 00 часот
  • 31.08 – Делчево, 20:00 часот
  • 03.09 – Штип, 20:00 часот
  • 10.09 – Струмица, 20:00 часот
  • 14.09 – Битола, 20:00 часот
  • 17.09 – Гостивар, 20:00 часот
  • 21.09 – Велес, 20:00 часот
  • 24.09 – Прилеп, 20:00 часот

Со овој проект, Македонија уште еднаш докажува дека музиката е еден од најмоќните начини за обединување. „Македонијо во срце те носиме“ не е само уметничко дело, туку и симбол на заеднички дух, на почит кон минатото и надеж за иднината.

Концертниот караван ветува незаборавни моменти, исполнети со музика и емоции што ќе потсетат дека кога сме заедно, можеме многу повеќе.

Реклама
Продолжи со читање
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама
Реклама

ПОПУЛАРНИ