КОЛУМНА
Песна без душа може да звучи убаво, ама не може да те допре
Знам дека вештачката интелигенција полека, ама сигурно, влегува во сè. Во работата, во фотографијата, во пишувањето, во филмот, па еве ја и во музиката. И да бидам искрена, првиот впечаток често е – „Ова убаво звучи!“ И навистина звучи. Мелодијата е средена, аранжманот е спакуван, вокалот е чист, сè си е на свое место. Нема утка, нема фалш, нема погрешен тон. Компјутерот си ја завршил работата.
Ама…
Како што ја слушаш песната уште еднаш, па уште еднаш, нешто почнува да ти недостига. Не знаеш веднаш што, не е мелодијата, не е аранжманот, не е ни гласот. Недостасува душата. Барем јас така ја доживувам. Како песната да е технички совршена, ама емотивно празна. Како некој да направил прекрасна куќа, ама заборавил да стави живот во неа. Има нешто, нешто метално, нешто вештачко. Еве, така најдобро можам да го опишам чувството, метален вкус во увото. Особено кога ќе дојде оној момент кога треба да „легне“ зборот врз музиката, па некој акцент на буквата се развлекува или се притиска само за да се вклопи во ритамот. Технички можеби е точно, можеби и звучи убаво ама човекот го слуша тоа. Увото можеби не знае да објасни што не му се допаѓа, ама душата знае. Зашто песната никогаш не била само низа од тонови. Песната е и оној момент кога пејачот зема здив пред најтешкиот стих, она мало кршење на гласот, онаа буква што не е отпеана совршено, ама е отпеана искрено, онаа болка во гласот кога пееш за нешто што си го преживеал, онаа радост кога пееш за нешто што си го сакал. Тоа не можеш лесно да го измериш, не можеш да го ставиш во формула, не можеш само да кажеш – „Направи ми песна за несреќна љубов, во стил на стара македонска балада, со емоција.“ Можеш да добиеш песна, можеш да добиеш прекрасна песна, ама дали ќе добиеш сеќавање?
Е тука веќе не сум сигурна.
Зашто некои песни не се паметат затоа што биле совршено отпеани. Се паметат затоа што во нив сме се препознале, првата љубов, последното збогување, мајка, татко. Некој што заминал, некој што не се вратил, некоја стара кафана, едно лето, една вечер, еден човек, една жена. Песната станува наша дури тогаш кога ќе успее да се залепи за некое наше чувство. И затоа ми се чини дека најголемата опасност од AI музиката не е тоа што ќе создава лоши песни, напротив, можеби ќе создава сè подобри песни, и токму тоа е проблемот. Ќе бидат совршено спакувани, ќе бидат модерни, ќе имаат хит аранжмани, одлична продукција, привлечен рефрен. Можеби ќе бидат направени за три минути и ќе звучат како да ги работел цел тим музичари со месеци.
Ама дали после десет години некој ќе рече – „Оваа песна ме враќа во една година од мојот живот“, дали?
Тоа е вистинскиот тест, зашто технологијата може да направи песната да звучи убаво, но човекот е тој што ѝ дава причина да постои.
И не велам дека AI треба да се запре, знам дека тоа е невозможно, вратата е отворена и никој повеќе нема да ја затвори. Само сакам да кажам, нека создава кој умее, нека експериментира, нека се користи технологијата, нека се поместуваат границите. Само немојте да заборавите што е музиката. Музиката не е само звук, не е само точен тон, не е само добар аранжман, не е само совршен вокал. Музиката е чувство. А чувството, барем засега, сè уште најдобро го препознаваме кога доаѓа од човек. Затоа, можеби AI ќе ни даде уште многу убави песни, ќе ги слушаме, ќе ни се допаднат, ќе ги пуштаме неколку пати. Но оние песни што ќе ги носиме со себе цел живот, оние што ќе ни го стегнат грлото и после дваесет години, оние што ќе нè вратат кај некого кого одамна го нема? Е, за нив ќе треба нешто повеќе од совршен алгоритам, ќе треба душа.
Затоа, кој умее нека создава песни со душа, зашто убавата песна може да го освои увото, само песната со душа може да го освои човекот.
КОЛУМНА
НЕ СЕ ГУБИ СЕБЕСИ ЗА ДА ГИ ЗАДРЖИШ ДРУГИТЕ
Колумната од секојдневицата денес е наменета за темата страв, страв од промени, старав од напуштање, страв од мислењето на другите. Ајде да видиме како ќе звучи оваа тема.
Има еден момент во животот кога едноставно ќе ти пукне филмот. Не затоа што си станал посилен од вчера, туку затоа што конечно ќе сфатиш колку долго си бил слаб пред погрешните луѓе, пред сопствените стравови и пред сè она што си го трпел само за да не изгубиш нешто што одамна не те правело среќен.
Ќе дојде ден кога нема да ти биде важно кој ќе си замине. Нема да трчаш по никого, нема да се објаснуваш на секого и нема да ја трошиш душата докажувајќи дека си добар човек. Кој те знае, знае, кој сака да те разбере, ќе те разбере, а кој решил да те направи лош во својата приказна, ќе најде начин да го направи тоа дури и ако му го дадеш срцето на дланка.
Пушти ги, не се сите луѓе создадени да останат. Некои доаѓаат за да те научат, некои за да те повредат, а некои за да ти покажат колку си се изгубил себеси обидувајќи се да ги задржиш. И знаеш што е најлошото, што понекогаш толку многу се плашиме да не останеме сами, што со години живееме покрај луѓе со кои сме осамени. Си се насмевнувал кога ти се плачело, си велел „добро сум“ кога во тебе сè се распаѓало, си премолчувал навреди за да не расипеш односи, си простувал работи што не требало ни да ги дозволиш, си им давал нови шанси на луѓе кои и претходните ги потрошиле без грам совест. И сето тоа затоа што си се надевал дека еден ден ќе сфатат колку вредиш. А знаеш што, не мора секој да ја препознае твојата вредност за таа да постои.
Не си роден за да бидеш удобен за сите, не си должен секогаш да бидеш фин, насмеан, достапен и подготвен да ги спасуваш другите, додека самиот тивко тонеш. Не мора да кажеш „нема проблем“ кога има проблем. Не мора да кажеш „разбирам“ кога некој повторно те гази и не мора да се чувствуваш виновен затоа што конечно си решил да се однесуваш кон себе како кон човек што заслужува почит. Доста беше од глумење дека ништо не те боли, доста беше од собирање туѓи проблеми во сопствените гради, доста беше од тоа да бидеш човекот на кој сите му се јавуваат кога им треба нешто, а никој не го прашува како е кога нему му е тешко. Знаеш што е вистинската храброст? Не е да издржиш уште една неправда, не е да премолчиш уште една лага, не е да се насмееш пред човек што те повредил, само за да му покажеш дека си над ситуацијата. Вистинската храброст е да си признаеш дека ти е доста. Да си заминеш од местото каде што постојано се докажуваш. Да престанеш да молиш за внимание, љубов и почит. Да го затвориш телефонот, да го оставиш минатото таму каде што му е местото и да престанеш да чекаш некој да ти го даде она што требало да ти го дава без молење. И немој да чекаш да бидеш подготвен, нема да дојде некој магичен понеделник кога ќе се разбудиш без страв, без сомнежи и без товар. Ќе има денови кога повторно ќе се двоумиш, кога ќе ти недостигаат и оние што не биле добри за тебе, кога ќе посакаш да се вратиш на старото само затоа што ти е познато. Но, познатото не значи дека е добро и мирот не значи дека нема никој околу тебе, понекогаш мирот е кога конечно ќе останеш сам со себе и нема да мораш да се преправаш дека си некој друг.
Затоа, стани, измиј го лицето, погледни се во огледало и престани да се гледаш низ очите на оние што не знаеле да те ценат. Не си толку стар за да почнеш одново, не си толку скршен за да не можеш да се составиш, не си толку виновен што мораш цел живот да се казнуваш за грешките од минатото. И не си должен да го потрошиш остатокот од животот плашејќи се што ќе речат луѓето. Луѓето ќе зборуваат и кога ќе молчиш, ќе зборуваат и кога ќе успееш, ќе зборуваат и кога ќе паднеш. Ќе зборуваат кога ќе се смениш, а ќе зборуваат и кога ќе останеш ист. Па, кога веќе не можеш да ги замолчиш, барем немој да им го предадеш управувањето со сопствениот живот, направи го она што со години го одложуваш, кажи го она што ти стои во грлото. Замини од она што те гуши. Почни го она за кое постојано велиш „еден ден“. Јави му се на човекот што ти значи. Отиди таму каде што сакаш. Насмеј се без причина. Одмори без да се правдаш. И, ако треба, разочарај ги сите што се навикнале секогаш да бидеш на располагање, само немој повторно да се разочараш себеси за да ги задоволиш нив, затоа што животот не ти е некаде во иднината, кога ќе завршиш сè што другите очекуваат од тебе. Не е кога ќе ослабеш, кога ќе имаш повеќе пари, кога некој ќе те засака, кога ќе ти се извинат или кога конечно ќе ти признаат дека биле неправедни. Животот е сега, во ова утро, во оваа вечер, во секој ден што го трошиш чекајќи дозвола да бидеш среќен. А времето не преговара, не те прашува дали си подготвен, само тече и минува. Затоа, не му дозволувај на стравот да ти го изеде животот, на срамот да ти ја врзе душата, а на туѓите мислења да ти ги диктираат чекорите. Колку и да се трудиш да бидеш безгрешен, не можеш секогаш и секаде да бидеш безгрешен човек, затоа, стани вистински човек. Не мора да им се допаднеш на сите, доволно е да престанеш да се губиш себеси обидувајќи се да им угодиш. И кога следниот пат ќе почувствуваш страв пред нешто што навистина го сакаш, не прашувај се, што ќе се случи ако не успееш, прашај се и што ќе се случи ако цел живот не се осмелиш.
Па, доста е, не утре, не од понеделник, не кога ќе се сменат околностите, почни сега. Почни да живееш така што, кога ќе погледнеш назад, нема да ти биде жал само за работите што си ги направил, туку и за сите оние што си сакал да ги направиш, а не си имал храброст. Кога ќе помине времето на адаптација на новитетите ќе сфатиш, најголемата загуба не е кога ќе си замине некој од твојот живот, најголемата загуба е кога, обидувајќи се да ги задржиш сите, ќе го изгубиш единствениот човек со кој мораш да живееш до крајот, самиот себе.
-
Шоу Бизпред 7 месециМала ѕвезда со голем глас – Ива Пауновиќ чекори сигурно кон музичкиот врв!
-
Народнапред 6 месециДарко Билбиловски претстави нова песна исполнета со емоција – „Само да си моја“
-
Шоу Бизпред 6 месециЗошто македонската музика „тапка во место“ и како легендите како Александар Сариевски го чуваат идентитетот
-
Шоу Бизпред 3 месециЅвездени носталгии тема – Горчлива чаша 14.07.2026
-
Шоу Бизпред 7 месеци„Позитив бенд“ – музика, еуфорија, енергија – гаранција за добра забава
-
Шоу Бизпред 5 месециКога ќе се спојат Илчо Париси и Спасе Антевски атмосферата станува спектакл!
-
Некатегоризиранопред 7 месециМладата Викторија Ефтимова го претстави новиот сингл „Идеали“
-
Шоу Бизпред 4 месециЅвездени носталгии тема – Гламур 07.07.2026
